Чешка воведе вонредна состојба – средните училишта затворени оти имаат најмногу заболени од Ковид-19


Во услови на пандемија на Ковид-19 и неодамнешен наплив на случаи на корона вирус, Чешка од денеска е во вонредна состојба.

Чешкиот министер за здравство Роман Примула информираше за одлуката на владата од минатата недела, наведувајќи дека таа ќе биде помалку строга во споредба со порано.

„Вонредната состојба ќе ни овозможи брзо да одговориме на моменталната состојба во услови на нови мерки против ширењето на болеста, особено да вклучиме студенти по медицина за помагање на персоналот во болниците и дистрибуција на потребните медицински материјали. Општо земено, мерките ќе бидат помалку строги во споредба со пролетните. Особено, продавниците, кафулињата или, на пример, границите нема да бидат затворени. Владата има намера да ја зачува економијата што е можно повеќе“, рече тој.

Покрај тоа, средните училишта во Чешка кои објавија најголем број случаи со Ковид-19 ќе бидат затворени за две недели. Чешките власти пријавија 2.556 нови случаи на корона вирус за 3 октомври, со што вкупниот број на случаи се искачи на над 80.000. Вкупниот број на смртни случаи е 722.