Кимберли Гилфојл ги молела Хегсет и сопственикот на „Фокс“, Руперт Мардок, да ѝ помогнат да ја задржи функцијата амбасадор


Според нов извештај, Кимберли Гилфојл молела тројца влијателни мажи да ѝ помогнат да ја задржи функцијата амбасадор на САД во Грција, откако се појавија низа компромитирачки приказни за неа, кои го доведоа во прашање нејзиното однесување за време на извршувањето на должноста.

Како што пренесува „Дејли мејл“ (The Daily Mail), повикувајќи се на извори запознаени со случајот, таа побарала помош од секретарот за одбрана Пит Хегсет, почесниот претседател на „Фокс њуз“ (Fox News), Руперт Мардок, и амбасадорот на САД во Турција, Том Барак.

На крајот, нејзините обиди да најде спас биле неуспешни. Гилфојл, поранешна водителка на „Фокс њуз“ и поранешна свршеница на Доналд Трамп Џуниор, беше отстранета од функцијата на 13 октомври – што претставува драматичен пад за жена која за малку ќе влезеше во првото семејство на САД преку брак.

„Таа беше одличен придонес за тимот и ѝ посакуваме сè најдобро“, изјави за новинарите прес-секретарот на Белата куќа, Кејти Закарија, откако објави дека претседателот побарал од Гилфојл да поднесе оставка. Три дена подоцна, и самата Закарија доби отказ.

Во подоцнежна изјава, амбасадорката му се заблагодари на Трамп за можноста да служи и вети дека „енергично“ ќе се бори против „лажните“ обвинувања – тврдења кои нејзините претставници претходно ги негираа или минимизираа.

Повиците на Гилфојл до тројцата мажи уследија во периодот кога весникот „Волстрит џурнал“ (The Wall Street Journal) објави серија негативни написи за неа.

Во еден од извештаите се тврди дека таа промовирала грчка градежна компанија која ангажирала еден од нејзините советници како лобист. Во друг се наведува дека таа побарала од донатор на Трамп да ѝ плати сметка од 100.000 долари на „Американ експрес“ (American Express), пред нејзината потврда во Сенатот во септември 2025 година. Третиот извештај на „Џурнал“ тврди дека таа „се фалела со своите блиски врски со двајца грчки тајкуни, велејќи дека тие ги финансираат нејзините луксузни патувања низ светот“.

Претставниците на Гилфојл ги отфрлија или оспорија овие тврдења. Таа, исто така, стапила во контакт со Белата куќа, тврдејќи дека текстуалните пораки до кои дошол „Џурнал“ биле генерирани со помош на вештачка интелигенција. Гилфојл (57) побарала „морална поддршка“ од Хегсет и Барак, инсистирајќи тие лично да интервенираат кај претседателот во нејзино име. Трамп не одговорил на нејзините повици, објави „Дејли мејл“, повикувајќи се на два извори запознаени со случајот.

Барак, кој е милијардер, изјавил дека ќе ѝ пружи поддршка на поранешната водителка од „Фокс њуз“, иако не е јасно што точно презел во таа насока. Во 2021 година, федералните обвинители покренаа обвинение против него (во својство на амбасадор на САД во Турција) за дејствување како нерегистриран странски агент, но следната година тој беше ослободен од обвиненијата.

Гилфојл, поранешната сопруга на Гевин Њусом, исто така стапила во контакт со медиумскиот магнат и милијардер Руперт Мардок, барајќи од него да ги отстрани написите за неа објавени во „Волстрит џурнал“. Мардок, почесен претседател на „Њуз корп“ (матичната компанија на „Џурнал“), го одбил барањето.

„Џурнал“ претходно објави дека Гилфојл се обидела да спречи објавување на напис во „Дејли мејл“, во кој се наведува дека таа никогаш не ја платила сметката од 1.769 долари за вечера и шампањ. Таа дури ги прашала претставниците на Стејт департментот дали написот може да се отстрани од интернет. Кога американските официјални лица побарале од Гилфојл доказ дека сметката е платена, таа никогаш не приложила потврда за плаќање.

Нејзините повеќекратни обиди се покажаа како неуспешни. Денот кога од неа беше побарано да поднесе оставка, Трамп се огради од поранешната ѕвезда на „Фокс њуз“, изјавувајќи пред новинарите дека таа „не е член на моето семејство“ и дека „била во врска со мојот син пред многу време“.

„Таа отиде во Грција и си ја вршеше работата добро, но не ни се допаѓаше она што го читавме“, додаде Трамп.

Во опширна изјава објавена истиот ден, Гилфојл вети дека ќе се бори против „лажните“ обвинувања насочени кон неа.

„Овие обвинувања се лажни и имам намера енергично да го бранам своето име, својата репутација и својот интегритет“, напиша таа. „Својот професионален живот го посветив на борбата за правда, залагајќи се за она што е исправно и бранејќи ги вредностите што ја прават Америка исклучителна. Нема да дозволам лажните обвинувања да го дефинираат мојот повеќедецениски јавен ангажман.“ Мојата благодарност и почит кон претседателот Трамп и секретарот Рубио остануваат непоколебливи“, додаде таа. „Горда сум на она што го постигнавме заедно и секогаш ќе бидам лојален поддржувач на претседателот Трамп и неговата мисија да ја направиме Америка повторно голема“.

Откако беше отстранета од функцијата, инсајдерите изразија загриженост дека таа наскоро би можела да открие тајни за првото семејство, објави „Дејли меил“ минатата недела.

Еден анонимен извор му рече на весникот дека сојузниците на Трамп се загрижени дека таа би можела да ја објави експлозивната содржина на „книгата за горење“ сега кога „нема што да изгуби“.