„Чебрен“ ќе чека нова шанса? Истече рокот за „Архиродон“ да стави потпис на договорот

Иако беше предвидено, не се потпиша ни договор со грчката фирма за формирање на заедничко тело со ЕСМ за вложување и да се формира заедничка компанија


 

Грчката фирма „Архиродон“ требаше да стави потпис на договорот за проектот „Чебрен“ до крајот на минатата година, но како што стојат работите, тоа не е сторено, и повеќе од извесно е дека ќе пропадне и 14-от тендер за изградба на „Чебрен“.

„Телма“ јави дека по налог на министерката за животна средина Каја Шукова, денеска бил формиран тим од правници кои веќе работеле на проектот и кои треба да ја разгледаат комплетната документација за тендерот и најдоцна до утре да донесат препораки кои треба да бидат следните чекори на надлежните институции во Македонија. Оваа препорака потоа министерката Шукова ќе ја достави до Владата.

Денеска од Министерството за животна средина и просторно планирање упатија покана до медиумите за брифинг со новинарите кои утре ќе го има министерката Шукова, за, како што стои во електронската порака „прашања поврзани со ХЕЦ ‘Чебрен’ и за други актуелни прашања повразни со животната средина“.

Инаку, иако беше предвидено, претходно не се потпиша ниту договор со грчката фирма за формирање на заедничко тело со ЕСМ за вложување и да се формира заедничка компанија која треба да продолжи со реализација на овој проект.

За ХЕЦ „Чебрен“ во изминатите две децении имаше дури 13 неуспешни тендери и се сметаше дека конечно овој пат проектот кој е од исклучително значење за еклектростопанскиот систем во земјава.

Хидроцентралата „Чебрен“ е најголемиот проект во енергетиката и производството на електрична енергија во земјава, со инвестицијата во вредност од околу една милијарди евра, со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати. Според последниот тендер, планираната висина на браната од 192 метри требаше да биде една од највисоките во светот.

Основен проект за изградба на ХЕЦ „Чебрен“ е направен уште во 1963 година, а идеен проект во 1965 година и интенцијата на сите влади досега, била да се додели на странски партнер поради лесната достапност до финансии, комплексноста на проектот и стекнувањето на нови знаења.

Според тендерот, обврска на инвеститорот е целосно да ја финансира и реализира изградбата на ПАХЕ „Чебрен“ и „Орлов камен“, додека АД ЕСМ како партнер со задолжение од Владата ќе учествува со изградба на пристапен пат, изградба на приклучок на мрежа, експропријација на земјиште и студија за животна средина, како и вложувањето на ХЕЦ „Тиквеш“ во заедничката компанија.

Градежните работи требаше да почнат по завршување на проектирањето и обезбедувањето на потребните документи, а предвидено беше изградбата да трае седум години, а концесијата е со рок од 60 години.

„Владата на 14 септември  на 185. седница донесе Одлука за избор на најповолна понуда за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија со изградба на хидроелектрични централи на Црна Река која се доделува на понудувачот ‘Публик пауер корпорејшн С.А и Архиродон груп Н.В.’ од Грција (PUBLIC POWER CORPORATION S.A. – Greece & ARCHIRODON GROUP N.V. – Greece), односно ‘ППЦ-Архиродон’, а во согласност со тендерската документација и договорот за концесија кој беше дел на тендерската документација“,стоеше во соопштението од владината прес-служба.

По успешниот тендер, дел од експертската јавност кај  нас се спротивстави на доделувањето на концесијата на грчки „Архиродон“. (Н.В.)