ЦГК: Вкупно 71 отсто од договорите за јавни набавки склучени со пет фирми
Вредноста на договорите за итните јавни набавки поврзани со заштита од коронавирусот надмина 3,2 милиони евра со склучени 142 договори, а 71 отсто од вредноста на склучените договори отпаѓа само на пет фирми, покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации.
– Во отстуство на упатство или стандардни обрасци за набавка, продолжуваат значајните разлики во цените. Во овој период, најголеми разлики се забележуваат кај скафандерите и ракавиците. Скафандерите се купувале по цени од 262 до 1.156 денари, а ракавиците од 2,83 до 9,32 денари за парче, наведуваат од Ценарот.
Анализата покажала дека за повеќе од половина од склучените договори (59 %), институциите ја прекршиле законската обврска да ги објават договорите во рок од десет дена од потпишувањето и дека во секој втор склучен договор за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот се преговарало само со еден понудувач.
Според анализата, сѐ уште нема информации за исходот од владините огласи за интервентни набавки на маски и ракавици.
Преку директни преговарања без претходно објавување оглас биле склучени 142 договори. Најголема вредност на склучените договори има МВР, кое склучило шест договори во вкупна вредност од 1,9 милиони евра, што е дури 59 отсто од вредноста на договорите на сите институции. Станува збор за договори за набавка на маски, ракавици, очила, комбинезони и средства за дезинфекција. Второ според вредноста на договорите е Министерството за здравство, со 14 договори во вредност од 321.081 евро за набавка на монтажни контејнери, реагенси, потрошен материјал, дезинфекциски средства и заштитна лична опрема.
Дополнително на 142-та договори, објавена биле и уште 51 одлука за избор на најповолен понудувач, во вкупна вредност од 701.230 евра.
Од Центарот појаснуваат дека состојбата со новиот коронавирус и прогласената вонредна состојба во земјава наметнуваат потреба од итни набавки на стоки, услуги и работи поврзани со заштита и превенција на ширењето на заразата од овој вирус. Овие набавки, во согласност со Законот за јавни набавки, се спроведуваат со директно преговарање со фирмите, односно преку постапка со преговарање без објавување оглас, за што на институциите не им е потребно ни претходно мислење од Бирото за јавни набавки.
Центарот за граѓански комуникации,како што информираат, ги следи итните набавки поврзани со новиот коронавирус за навремено да детектира одредени слабости во процесот и да даде придонес кон нивно надминување, а со цел рационално искористување на ограничените јавни ресурси во земјава.