Централниот регистар се правда за регистрацијата на клубот „Ванчо Михајлов“
По реакциите во јавноста околу промоцијата на клубот на Бугарите во Битола што го носи името на Ванчо Михајлов, се огласи и Централниот регистар на Македонија. Од вчера се наметна дилемата во јавноста зошто, и покрај негативното мислење од Министерството за правда околу името на клубот, тој сепак добил одобрение да се регистрира.
Според реакцијата на оваа институција, тие само утврдиле дека Ванчо Михајлов нема наследници до трето колено во државава, дека во таков случај согласност да се користи името дава Министерството за правда, но тоа немало регистар на историски личности или каков било друг документ со кој може да се утврди статусот на историска личност и употребата на нејзиното име, па го регистрирале како фирма.
Едноставно кажано, иако поранешната министерка за правда Рената Дескоска тврдеше дека издала негативно мислење, односно не издала одобрение да се регистрира здружение под тоа име и објави документ, од Централниот регистар тврдат дека во него стоело дека не издала одобрение – затоа што нема регистар на историски имиња, а не дека името Ванчо Михајлов е неприфатливо за државата.
-На ден 13.3.2019 година до Централен регистар од страна на Љупчо Ѓоргиевски е доставена пријава за упис на основање на здружение Културен центар Иван Михајлов -Битола.
Како прилог кон пријавата за упис се доставени прилози согласно член 42 од Законот за здруженија и фондации, вклучително и изјава заверена на нотар за немање законски наследници до трет наследен ред за лицето Иван Михајлов и Известување донесено од Министерство за правда бр. 11-423/2019, од 05.3.2019 година. По комплетирање на целокупната документација, од страна на Централен регистар на ден 15.3.2019 година е донесено Решение за упис на здружението Културен центар Иван Михајлов -Битола.
Што треба да е содржано во името на организацијата е регулирано со член 8 и 9 од Законот за здруженија и фондации. Во ставот 4 од член 8 е утврдено дека за прашања кои не се уредени со овој закон се применуваат одредбите од законот со кој се уредува име на фирма на трговско друштво. Поимот и името на фирмата во Законот за трговските друштва е регулиран со повеќе одредби и тоа од член 44 до 59.
Согласно член 49 од Законот за трговските друштва – во фирмата може да се внесе име и презиме на историска и друга позната личност само со согласност на личноста или, ако е почината, со согласност на нејзините сродници до трет степен во права линија, а доколку такви не постојат, согласност дава Министерството за правда.
Во врска со наведените законски одредби Централниот регистар известува дека кон пријавата за упис на основање била доставена изјава заверена кај нотар од застапникот по закон на здружението – лицето Љупчо Ѓоргиевски со која под морална, материјална и кривична одговорност тврди дека лицето Иван Михајлов нема законски наследници до трет ред во права линија. Согласно истите одредби, доколку нема наследници, согласност дава Министерството за правда.
Во отсуство на издадено решение за согласност од страна на Министерството за правда, кон пријавата за упис е доставено известување од Министерство за правда со бр. 11-423/2019, од 05.3.2019 година, со кое се известува подносителот дека Министерството за правда не е во можност да издаде одобрение од причина што во Министерството не се води регистар на историски личности или каков било друг документ со кој може да се утврди статусот на историска личност и употребата на нејзиното име.
Централниот регистар го зема во предвид известувањето од Министерството за правда за немање регистар за историски личности но, не е предвидено дека друг државен орган води регистар на историски личности. Или, со други зборови, не постои надлежен државен орган кој може да издаде одобрение за употреба на име на личност.
Впрочем, од досегашната пракса, ваков тип на известување од Министерството за правда се издава постојано при упис на правни субјекти кои во својот назив содржат податоци за лично име. Оттука, во регистарот на здруженија и фондации постојат многу субјекти кои содржат име на личност.Имено, Централниот регистар не може да го спречи загарантираното уставно право на граѓаните за слобода на здружување заради остварување на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања како темелна вредност определено во член 20 и член 48 од Уставот на РСМ.
Централниот регистар сметал дека во запишаните цели и програма на делување нема елементи кои се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, не се преземаaт активности поврзани со тероризам, активности кои се спротивни на Уставот или закон, ниту се повредуваат слободите и правата на други лица, за што е одлучено на начин што е донесено решение за упис.
Централниот регистар потенцира дека од денот на основањето на здружението до ден денес не е поднесена жалба против решението за упис на основање. Согласно член 66 од Законот за здруженија и фондации секој може да поднесе пријава за забрана на организацијата пред надлежен јавен обвинител доколку дејствувањето е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица.
Согласно член 110 од Уставот на РСМ, Уставниот суд, покрај другото, одлучува и за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и здруженијата на граѓаните.Понатаму, во надлежност на Уставниот суд е и укинување и поништување на статут и програма на здружение, доколку утврди дека истите не се во согласност со Устав или закон. Централен регистар нема сознание за покрената иницијатива пред Уставен суд за оценка на уставноста на основачките акти на здружението.
На крајот, Централен регистар на Република Северна Македонија ја поздравува иницијативата за измена на Законот за здруженија и фондации кој е донесен во 2010 година и истиот е потребно да се измени и дополни за надминување на сите правни бариери и недоречености, се вели во реакцијата на оваа институција, која очигледно сака да се испере со тезата дека – не е надлежна да решава за името на здружението.