Центар реновира улици само во Дебар Маало, Клинички и Кале се заборавени


Реконструкција на „Ленинова“ (Фото: Б. Грданоски)

Не е исто да шеташ по добар тротоар и по патека со извадени плочки. Не е исто да возиш велосипед или автомобил по осветлена и мазна улица и по темна улица полна со дупки. Инфраструктура е збор кој делува апстрактно, но e содржана во она што го нарекуваме квалитет на живот, велат од Шанса за Центар, кои изработија мапа на реконструирани улици во Центар, во последните години.

Наодите се фрапантни, затоа што анализата покажува дека десет години градоначалниците на Општина Центар реконструираат улици во Дебар маало, каде се вложени повеќе од 4,4 милиони евра, додека уличките кај Клинички центар, до Министерството за внатрешни работи, како и оние околу Калето, кои се под надлежност на Општината, се заборавени.

Неопходна инфраструктура во општините се и квалитетни улици, безбедни тротоари, одржувани патеки, добра канализациска и водоводна мрежа и осветлување. Но, податоците кои ги собра Шанса за Центар покажуваат дека вложувањето во таквата инфраструктура не е еднакво во сите делови од општината. 

Вложувањето во инфраструктурата е еден од најголемите трошоци од буџетот кој се полни од парите за комуналиите од градежните дозволи. Оттука, многу е важно тој да се троши така што ќе се обезбеди рамномерен развој и сите да ги чувствуваат придобивките од тие инвестиции.

Шанса за Центар се обиде да дојде до што поцелосна слика за инвестициите преку мапирање на сите електронски договори за јавни набавки од 2012 година до сега вкрстувајќи ги со податоци објавени во медиумите.

На мапата што ја споделуваме со јавноста, се гледа дека најголем приоритет за центарските градоначалници во последните 10 години е Дебар Маало. Таму се извршени зафати во вредност од над 4,4 милиони евра што е далеку повеќе од било кој друг дел на општината.

Најзапоставен дел пак во оваа смисла е подрачјето меѓу Клинички центар и објектот на Министерството за внатрешни работи. За таму не пронајдовме ниту еден договор за инфраструктурни зафати во последната декада. Не е за потценување ниту реонот на Кале каде за 10 години е обновена само една улица во вредност од 56 илјади евра.

Податок кој предизвикува внимание е и тоа што во последните 10 години на првичните договори за инфраструктурни зафати се склучени анекси во вкупен износ од над 800 илјади евра.

Шанса за Центар преку своите советници и натаму ќе се залага за рамномерен развој и право на секој жител на квалитетен живот што ќе направи тој да се чувствува достоинствено во сопствената општина.

Погледнете ја мапата на инфраструктурни зафати во општина Центар на следниот линк: https://www.google.com/maps/d/viewer?mid=1KAEOCF4pYIUymlsVn1JEtV0VklvDjUz6&usp=sharing