Цените од 1 август ќе бидат референтни за најавеното поевтинување на прехранбените производи


Цените од 1 август ќе се земат како референтни за најавеното поевтинување на повеќе од 50 основни прехранбени производи во земјава, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Како што истакна Ковачевски, поскапувањето се случувало најмногу после 1 август, затоа е земено и како репер, но тоа не значи дека нема да земат предвид и други елементи.

-Ги анализиравме цените и практично, покачувањето се случува најмногу после 1 август, затоа го земавме како репер. Но, тоа не значи дека нема да се земат предвид и другите елементи, па и јули. Анализата се прави, сметам дека до крајот на викендов ќе биде завршена. Најважно е дека се носи мерка со која ќе бидат прекинати секакви можности за манипулација со промоции на цените и тоа што се одржа состанок на кој трговските синџири изразија волја за намалување на цената за најмалку 10 отсто, како и дека нема да биде земена како рефрентна цената денес, туку цената што се наоѓа во период зад нас, потенцира Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по почетокот на Скопскиот економски и финансиски форум.

Одлуката за замрзнување на цените на 50 основни прехранбени производи, од кои 90 проценти се со даночна стапка пет проценти, а 10 проценти со даночна стапка на ДДВ од 10 проценти, како што посочи треба да биде донесена на владина седница во вторник идната недела. 

-Со замрзнување на над 50 основни прехранбени производи се предвидува цените да се намалат за минимум 10 проценти бидејќи за тоа апсолутно има простор. И за референтната цена за намалување, нема да биде земена денешната цена, туку според она што го анализираме најверојатно ќе бидат намалени во однос на цените коишто важеле на први август. Најважно од сега е потрошувачите да не се чувствуваат измамени, и на тоа ќе се работи и во иднина. Доколку анализите покажат за потребно и ако има нарушувања, фазно ќе се оди и со намалување на цените и во другите сектори, рече Ковачевски. 

Најави дека за таа цел, следат измени и дополнувања во Законот за пазарниот инспекторат со кои ќе се зголемат ингеренциите на инспекторот со што инспекторите ќе може да постапуваат побрзо и поефикасно во своето работење. 

-Воедно со Законот за нефер трговски практики на којшто веќе се работи на неговата изработка планот е да се укинат речиси над 20 проценти од одредени давачки во синџирот во трговијата,  почнувајќи од производство што дополнително ќе се влијае во намалувањето на цените на малопродажните, рече Ковачевски и додаде дека ваков закон има во најголем број од земјите-членки  на ЕУ.

Во прераспределбата на буџетот, која е веќе поднесена во Собранието, како што кажа, веќе се издвоени финансиски средства за заштита на најранливите категории на граѓани  преку антикризни мерки. 

-Антикризниот пакет ќе биде обемен и ќе опфати повеќе граѓани коишто имаат потреба од дополнителни финансиски средства. Ќе бидат вклучени пред се пензионерите, но поддршка ќе добијат и граѓаните кои имаат пониски примања, приматели на загарантирана социјална помош, младите студенти, средношколци и други категории на граѓани коишто заради ниските примања и неможноста да остваруваат дополнителен приход ќе бидат опфатени со дополнителен финансиски пакет за справување со кризата. Антикризниот план може да се очекува да е активен веќе од ноември. На него веќе се работи, и во текот на наредните недели ќе се најде на седница на Влада, истакна Ковачевски.