Цените на нафтата повторно пораснаа


Цената на барел нафта на лондонскиот пазар се зголеми за 67 центи во однос на претходното затворање, на 84,12 долари, а на американскиот пазар барелот се тргуваше по повисока цена од 63 центи, за 80,01 долар.

Цените паднаа минатиот трговски ден поради загриженоста дека побарувачката за гориво дополнително ќе биде притисната од продлабочувањето на кризата на кинескиот пазар на станови што го задушува моментумот во економијата.

На цените влијаеше и можноста за дополнително зголемување на каматните стапки во Америка. Тие стапки остануваат во фокусот откако објавените записници од состанокот на ФЕД во јули во средата покажаа дека претставниците на централната банка не дале јасна индикација за пауза во зголемувањата на каматните стапки во обид да се даде приоритет на борбата против инфлацијата.

Повисоките каматни стапки ги зголемуваат трошоците за задолжување на бизнисите и потрошувачите, што може да го забави економскиот раст и да ја намали побарувачката за нафта.

Од друга страна, Кина забележа редок пад на залихите на сурова нафта во јули и за прв пат во последните 33 месеци магацините се празни.

Податоците објавени вчера покажаа дека залихите на сурова нафта во САД минатата недела паднале за речиси шест милиони барели.

Одделно, ОПЕК објави дека во средата цената на барел од нафтената кошничка на нејзините членки паднала за 86 центи, на 86,96 долари.