Зошто расте цената на дизелот и дали ќе го има доволно

Главен поттикнувач на ваквите состојби е одлуката на Русија привремено да го забрани извозот на деривати


 

Литар дизел гориво на бензинските пумпи во земјава од денеска чини 86 денари, исто колку и литар моторен бензин Еуросупер 95. Поскап од дизелот се уште е бензинот од 98 октани, кој чини 88,50 денари за литар, но доколку продолжи трендот на светските берзи, нема да биде изненадување доколку најпродаваното гориво во земјава ценовно го надмине и овој енергент.

Што всушност се случува на пазарот и дали дизел ќе има доволно?

Главен поттикнувач на ваквите состојби е одлуката на Русија привремено да го забрани извозот на гориво, што ја зголеми побарувачката од рафинериите во период на и онака намалена понуда, поради одлуката на земјите од ОПЕК+ да го редуцираат производството на сурова нафта.

„Она што сериозно загрижува е забраната на Русија да извезува готови деривати, односно дизел во повеќе земји и тоа претставува проблем. Последните десетина дена на Медитеранската берза во Џенова, од каде што ние ги преземаме податоците за одредување на цената на некој нафтен дериват, дизелот веќе е поскап отколку бензинот. Во моментов кај нас во државата бензинот се уште како крајна цена е поскап од дизелот поради тоа што и акцизата е различна, за дизелот е 15,5 денари за литар, а за бензините е 22 денари за литар, но како што гледам трендот е таков бидејќи сериозно светот се соочува со недостаток, особено на дизел“, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски минатиот петок, во гостување во „Трилинг“ на ТВ 24.

„Независен“ веќе пишуваше дека Русија привремено ќе го забрани извозот на горива со цел да се подобри понудата на домашниот пазар и да се намалат цените. Тоа значи дека купувачите на руски бензин и дизел ќе мора да бараат друг добавувач и дека и онака тесната понуда ќе биде под зголемен притисок од побарувачката од рафинериите. Руската објава уследи по падот на залихите на нафта во САД на средината на септември, за 2,14 милиони барели, поради силниот извоз. Паднаа и залихите на деривати, што го одразува почетокот на сезоната на редовно одржување на есен во рафинериите.

Поновата информација од 29 минатиот месец вели дека Русија би можела да воведе извозни квоти за гориво доколку целосната забрана за извоз не ги намали упорно високите цени на бензинот и дизелот на тамошниот пазар. Според рускиот вицепремиер Александар Новак, забраната за извоз на бензин и дизел првично довела до пад на цените на тамошната берза.

Кремљ и Министерството за енергетика објавија дека привремената забрана за извоз на гориво, воведена на 21 септември, ќе остане во сила додека не се стабилизира домашниот пазар на гориво. Аналитичарите очекуваат дека ќе потрае уште неколку недели, до крајот на жетвата и периодот на врвот на побарувачката.

Инаку, Македонија во најголем дел дизелот го обезбедува од Грција, околу 90 проценти, додека другите количества доаѓаат преку Албанија, и нешто помалку од Србија. Она што е особено значајно за нашата земја е што најголемиот процент од потрошувачката на енергенти се однесува токму на дизелот. Така, во структурата на потрошувачката во 2021 година дизелот учествуваше со околу 64 проценти, додека на пример моторниот бензин со околу 9 проценти. Другиот дел се однесуваше на течниот природен гас (ЛПГ) околу 7 проценти, на нафтениот кокс (6,5 проценти) другите нафтени продукти со околу 6 проценти, мазутот исто така околу шест проценти и тн. Сега таа потрошувачка е уште поголема.

„Ние сме земја каде што и во земјоделството и во индустријата, а и автомобилите, многу повеќе се користи дизелот. Така да во вкупната потрошувачка на нафтени деривати дизелот учествува преку 80 проценти и многу е битно ние да го имаме дизелот за да функционира се како што треба. Исто така, со најавата за зголемувањето на цената на дизелот, тоа веднаш се одрази и на цената на природниот гас, затоа и порасна минатата недела, а кога се зголеми цената на природниот гас тоа се одрази и на цената на електричната енергија, особено на фјучерсите за 2024 година. Тоа се врзани садови, нешто ако недостасува, некој дериват, тоа се одразува на останатите деривати или енергенси“, вели Бислимоски.

Според податоците од крајот на минатата недела во делот на електричната енергија и природниот гас, природниот гас имаше поголеми зголемувања, некаде околу 12-13 проценти, па потоа доживеа пад, а во четвртокот повторно имаше пораст на околу 42 евра за мегават час. Инаку минатата година ова време цената на гасот беше некаде околу 300 евра, но пред да почне кризата беше 16-17 евра за мегават час. Електричната енергија е од 130 до 150 евра за мегават час.

Во некои земји од регионот, и во Европа, цената на дизелот веќе е повисока од онаа на бензинот. Во Хрватска, како што посочува Бислимоски, од вторникот минатата недела цената на бензинот и на дизелот е иста.

Според прегледот на цените на дериватите од 25 септември на сајтот Каргопедија, дизелот бил поскап или во најмала рака ист со цената на бензинот во Австрија, Белорусија, Белгија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Кипар, Финска, Франција, Унгарија, Романија, Србија, Словенија, Шведска, Швајцарија, Велика Британија.

Инаку, во вчерашната објава на Регулаторната комисија за цените на дериватите се вели дека највисоките набавни цени за Еуросупер 95 изнесуваат 44,023 денари за литар, за Еуросупер 98 се 45,875 денари за литар, додека за дизелот изнесуваат 51,241 денари за литар. Од ова се гледа дека набавните цени на дизелот веќе се значително над оние на бензините. Разликата во крајната цена ја прави најмногу акцизата, која за бензините е 22 денари за литар, а за дизелот 15,50 денари за литар. Другите трошоци кои се вклучуваат во одредување на цената на дериватите се однесуваат на надоместок за задолжителни резерви (кој за дизелот е понизок), потоа за финансирање на активностите за животната средина (исто така е понизок за дизелот), трошоците за транспорт (кои се повисоки за дизелот) и тн.

Во образложението на одлуката РКЕ наведува дека „референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 1,615 отсто или за 14,900 долари/тон, кај дизелот зголемувањето е во просек за 0,609 отсто или за 5,850 долари/тон. Исто така, влијаеше и курсот на денарот во однос на доларот, кој според истото образложение, во просек изнесува 58,0711 ден/долар и е за околу 0,178 отсто повисок од курсот на доларот (57,9677 ден/долар) по кој беа формирани цените со претходната пресметка.