Целото семејство на министерката Сања Божиновска имало бугарско државјанство, тврдат од Софија
Не само министерката за енергетика Сања Божиновска, туку и целото нејзино семејство имало бугарски пасоши, пренесува „Бгнес“.
Медиумот цитира извори од тамошното министерство за правда кои изјавиле дека „таткото Перо, мајката Виолета и братот Даниел, како и самата Божиновска се носители на бугарски пасош“.
За да го добијат документот, тие ги докажале своите бугарски корени и со изјава ја декларирале својата бугарска самосвест.
Според овие информации од бугарското министерство за правда, поднесувањето барање за ослободување од бугарско државјанство, како што направила Божиновска пред една година, не води до автоматско завршување на постапката.
„Тоа се прави преку посебен декрет и важи и за сегашните бугарски државјани родени во странство и за Бугарите кои се родени на територијата на денешна Бугарија.
За конкретното лице (Божиновска) до денес не е издаден указ за ослободување од државјанство. Издавањето на таков се врши по темелна проверка за секаков вид на обврски на барателот. Потврдата, вклучително и данокот и имотот, се однесува на сите земји каде што престојувало лицето. Надлежните институции проверуваат и за можни кривични постапки.
Доколку на Божиновска ѝ треба правна или друга помош, може да се обрати до бугарската амбасада во Скопје, која е должна да ѝ пружи помош“, велат изворите од министерството за правда.
Откако беше откриено дека има и бугарски пасош Божиновска има вообичаено објаснување зошто се изјаснила дека има „бугарска самосвест“ во апликацијата до бугарските власти за да добие тамошно државјанство – тоа било од економски причини. Божиновска во поткастот на новинарот Мишко Иванов, „Бизнис муабети“, го кажа она што се знаеше – дека почнала процедура за отпис од бугарското државјанство – и дека апликацијата за бугарско државјанство била од економски причини: „Во еден период од животот, за економски причини, како и многу Македонци, сум имала бугарски пасош“.
Медиумот „360 степени“ во јуни годинава објави дека Божиновска поседува бугарско државјанство и дека со бугарски пасош ја раководела компанијата „Руднап“ во Хрватска.
Пред неколку дена на прес-конференција за нејзината работа во стоте дена на владата Божиновска не знаеше да одговори дали сѐ уште има „бугарска самосвест“. За таква работа ќе побарала правна помош: „За тоа прашање ќе морам да се консултирам со адвокатите. Тие ја водеа таа процедура и тоа беше многу одамна“.
За време на викендот Божиновска ги отфрли овие прашања за нејзиниот бугарски пасош и „бугарската самосвест“. Во објава на Фејсбук напиша:
„Јас сум родена во Скопје, Македонка сум и секогаш ќе бидам Македонка. Тоа никој ниту може, ниту смее да го оспори. Сите други зајадливи коментари, чудни прашања и погрешно толкувани одговори ќе ги разберам и прифатам како цена на моето скромно и мало политичко искуство“. (Н.В.)
Министерката Сања Божиновска и „бугарската самосвест“. Таа вели „јас сум Македонка“