Целокупниот ефект е повеќе „џез“ отколку „класична“ музика, вели „Мјузик веб“ за „Македонисимо“ на Трпчески


Угледниот портал „Мјузик веб“ ја објави првата рецензија за албумот „Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите, што денес е објавен под престижната британска етикета „Лин Рекордс“.

Зборувајќи за концептот „да се понудат камерно музички-аранжмани на македонската традиционална музика“, критичарот Домини Клементс, истакнува: „Мора да се каже дека оваа мешавина од раскошни ритмички танци и нежно елоквентни песни функционира исклучително добро во овој амбиент, што секако не е обид да се донесе апсолутната традиционална музика во еден вид автентична ’преродба’, туку повеќе сосема нова визија на целиот музички жанр, исто како што Астор Пјацола го донесе тангото во концертната сала со неговиот ‘tango nuevo’ приод кон традиционалниот вид музика. Целокупниот ефект е повеќе „џез“ отколку „класична“ музика, ако сакате да пронајдете соодветна стилска полица за да го поставите овој диск, но не дозволувајте тоа да ве премисли за да го испробате ако мислите дека не ви се допаѓа џезот. Традиционалните мелодии се појавуваат низ „класична“ музика цело време, од Бах до Копленд и Бернштајн до Малер, па затоа искористете го ова како богат нов извор на извонредно изведени и снимени звуци и видете колкав простор имате дома за да танцувате на овие ритми“ – вели Клементс за меѓународниот портал „Мјузик Веб“.

Светската премиера на проектот се случи на фестивалот во Лудвигсбург, Германија, во мај 2017 година.