Целиот државен врв на Анкетната комисија за „Пулс“ – се откажуваа настани, Апасиев не отстапи
Претседателката и премиерот разбраа дека неприсуството на седницата на Анкетната комисија ќе им донесе гола политичка штета
Целиот државен врв – претседателката, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, денеска се во Собранието каде присуствуваат на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, каде треба да се расправа по претставка поднесена од родителите на младите лица кои трагично ги загубија животите во пожарот што избувна во кочанската дискотека „Пулс“.
Премиерот Христијан Мицкоски за денеска, во исто време, односно на пладне, имаше закажано посета на градежните работи на мултифункционалниот центар во Ново Лисиче во Скопје, но подоцна ја откажа, откако од партијата Левица, чиј лидер Димитар Апасиев е и претседател на оваа собраниска Комисија, постојано повикуваше за присуство. И на социјалните мрежи имаше гневни реакции за планот на премиерот, па тој ја преиначи агендата и дојде во Собранието. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова до денеска молчеше на прашањата дали ќе дојде на комисијата, но и таа се појави. Доколку не дојдоа Мицкоски и Сиљановска ќе претпрпеа сериозна политичка штета.
„Пред почетокот на денешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, уште еднаш јавно ги повикуваме пратениците од власта да не бегаат и да се одважат пред родителите и народот со присуство на седницата. Нема простор за ароганција и партиски калкулации. Поминаа девет месеци од трагедијата што однесе млади животи, а Собранието за целиот тој период не презеде ниту една суштинска мерка. Институцијата која треба да биде највисок облик на демократијата, домот на народните избраници, се однесуваше без слух за јавноста, со очигледна желба случајот да се заташка и заборави“, беше последното соопштение од Левица во низа, со кои потсетуваа дека „државата им должи на семејствата и народот барем минимум сериозност и политичка зрелост“.
Во соопштението беше нагласено дека одржувањето на седницата зависи од пратениците од владејачкото мнозинство, членови (или нивните заменици) на Комисијата, и тоа:
Александар Велјановски, Миле Лефков, Ангелинка Петкова, Петар Ристески, Бране Петрушевски, Рашела Мизрахи, Игор Здравковски, Фериде Хаџиу и Весна Бендевска.
„Секој од нив има должност да се појави и да му овозможи на Собранието да ја изврши својата надзорна улога и да не биде креатор на уште еден срам со учество во блокада на оваа расправа. Нема повеќе алиби, ‘технички причини’ и други разни изговори. Во моментов се работи и за довербата на јавноста и за елементарно човечко достоинство. Од мнозинството денес јавноста бара да си го оправдаат мандатот и да присуствуваат на седницата“, додаваат од таму.
Семејствата на жртвите инсистираа на неодложно одржување на седницата, предупредувајќи дека нема простор за нови пролонгирања. Тие очекуваат целосно присуство од сите пратеници, како и претставници на релевантните институции, потенцирајќи дека денешниот термин е единствена можност за директно обраќање пред Собранието.
Опозицијата пак изрази загриженост дека седницата може да пропадне поради недостиг на кворум, доколку пратениците од владејачкото мнозинство одлучат да не се појават.
На седницата зборуваше пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска, која им порача на родителите од Кочани дека биле злоупотребени и искористени од претседателот на комисијата, Димитар Апасиев. Таа ги покани да дојдат во нејзината канцеларија за време на паузата за да им објаснела како стојат работите, но родителите од клупите одмавнуваа со рацете.
Беше дадена полчасовна пауза и присутните се вратија на седницата.
Паралелно со работата на ова тело, Собранието веќе има формирано и посебна анкетна комисија. Нејзината задача е да ги разгледа сите поголеми трагедии кои се случиле во земјата во изминатите години, во чиј опфат спаѓаат и настаните поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“.