Огнот ја проголта зградата на „Вјесник“, еден од симболите на Загреб (видео)
Нема жртви ни повредени затоа што немало никој во зградата. Пожарникарите морале да ја напуштат зградата бидејќи било премногу опасно за гаснење на пожарот
Доцна навечер во понеделник пред полноќ на врвот од облакодерот „Вјесник“ во Загреб избувна пожар. Неофицијално, пожарот избувнал во канцеларија.
Пожарникарите веднаш излегоа на местото на настанот со неколку противпожарни возила. Пламенот првично се чини дека беше ставен под контрола, но потоа повторно се разгоре и се прошири на долните катови. Зградата гореше цела ноќ, а гори и утрово и пожарот сè уште не е изгаснат.
Ситуацијата била исклучително опасна, а пожарникарите го гаснеа пожарот од долу што се шири по вертикалите на зградата. Додека гореше зградата, стакло паѓаше од облакодерот.
„Од граѓани е примена пријава за појава на густ црн чад и видливи пламени јазици што доаѓаат од зградата ‘Вјесник’ од неколку ката. Пожарникарите веднаш по пристигнувањето на местото на настанот почнаа да го гаснат пожарот. Пожарот се шири вертикално и зафаќа неколку ката и покривот, поради што се побарани дополнителни сили и опрема“, беше соопштено синоќа. Ширењето на пожарот кон подолните катови најверојатно се случило преку вентилацијата.
Загрепските пожарникари се борат со пожарот цела ноќ. Се проценува дека ќе биде потребен цел ден за да се изгасне. 93 пожарникари со 30 возила се борат со пожарот.

Според досегашните информации, во моментот на пожарот немало никој во зградата.
„Штетата е голема. Иако поголемиот дел од зградата беше напуштен, собите внатре се полни со опрема и документи. Пријавата ја добивме околу 23 часот. Интересно е што имаше само една пријава од граѓанин. Нормално, секогаш добиваме многу пријави за големи пожари.

Штом видовме отворен пламен, веднаш побаравме дополнителна интервенција. Опасно е бидејќи, кога екипите почнаа да се качуваат и да го гаснат пожарот, видовме дека пожарот почнал да се појавува на долните катови, дури и на приземјето, што значи дека се ширел низ вентилацијата“, рече Синиша Јембрих, шеф на пожарникарската единица на Загреб.
Во посебно објава на Фејсбук пожарникарската единица на Загреб го даде ова соопштение: „Добивме дојава за густ црн чад и видливи пламени јазици што доаѓаат од зградата ‘Вјесник’ на неколку ката. По пристигнувањето на местото на настанот, пожарникарите почнаа да го гаснат пожарот на 15-от кат.

Кратко по почетокот на интервенцијата, пожарот се прошири на сите ката од 5-от и нагоре, поради што пожарникарите мораа итно да ја напуштат зградата и да преминат на надворешно гаснење. Надворешното гаснење беше отежнато од паѓање стакло и структурни делови од повисоките катови.
По прегрупирањето, започнавме детален преглед и гаснење на зградата од подрумот до врвот, со цел да се спречи пожарот повторно да го пресече патот за бегство“.
Сцените се ужасни, а градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, исто така, дојде во зградата на „Вјесник“ утрово.

„Постојано се разгорува на различни катови. Се гаси одвнатре и однадвор. Причината е непозната, постојат некои сомневања, но истрагата на лице место ќе го утврди тоа. За жал, штетата е целосна. Мнозински сопственик на зградата е државата, градежните инженери ќе треба да видат дали објектот е за рушење или ќе се обнови“, рече Томашевиќ.
Засега нема опасност од уривање, додаде тој. „Најважно е што нема жртви и безбедноста на пожарникарите е од најголема важност“, додаде тој. Томашевиќ додаде дека причината за пожарот сè уште не е позната: „Постојат некои сомневања, но ќе се спроведе истрага на лице место“.
Зградата на „Вјесник“ е едно од препознатливите места на Загреб. Таму порано беше сместен весникот „Вјесник“ и многу други периодични и магазински списанија.
Беше симбол на Загреб. Стана „град на духови“ што потсетува на смртта на весниците