Царовска: Светот одамна применува модел на интеграција на предмети


– Светот одамна ги спроведува овие концепти. Во сите развиени земји историја и географија се интегрирани тематски како научни дисциплини, постојат секако модуларно поставени, но темите коишто ги разгледуваат тоа го прават заеднички и по двете науки и дисциплини за да може од фактографско да поминеме кон учење со размислување и критичко размислување, рече министерката за образование и наука Мила Царовска, одговарајќи на пратеничко прашање на Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.
 
„Интеграцијата се прави за да може нашите ученици, идните продуктивните граѓани на оваа држава да донесуваат одлуки и главно да може некој како вашата партија се обидува да создава лажни вести да манипулира да може да проценат дали тоа е вистина или не вистина“, рече Царовска.


Во однос на прашањето врз основа на кои анализи е направена интеграцијата Царовска на пратеничката Ласовска и одговори:


„Она коешто ме прашавте дали постои анализа? Како некој којшто доаѓа и бил дел од образованиот систем претпоставувам дека треба да ги следи сите меѓународни истражувања и сите меѓународни тестирања вклучително и домашни анализи за квалитетот на нашето образование. Бидејќи на сите меѓународни тестирања сме најдолу на листите и тоа е така затоа што ниту сме дискутирале ниту сме анализирале. Ниту сме спроведувале, мерки за подобрување на квалитетот во образованието и за тоа мора да истакнам дека одговорност и лично заради тоа што директно сте раководеле со институција којашто била под ресорот образование, а сте можеле да направите во овие 12 години многу работи“, рече Царовска. 

Министерката за образование и наука одговарајќи на пратеничко прашање на Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека  е пресреќна  што за нацрт-концепција се дискутира многу.


„Имаме и академици и професори и наставници и директори и институции кои на прочитана концепција даваат конструктивни коментари за да таа биде подобра. Знаете зошто, заради тоа што оваа држава има во себе прогресивни сили коишто ќе дадат сé за да го унапредат образованието, како основа на државата како основа на којашто ја покажува кој се залага за јавно добро, а кој се залага само за своите лични интереси“, рече Царовска.


Министерката вели дека е  сигурна дека оваа концепција ќе се донесе со поддршка на сите оние коишто веруваа дека нашите деца заслужуваат квалитетно образование и дека нашите деца се еднакво паметни како и децата од државите коишто имаат квалитетно образование и постигнуваат добри резултати.


„Јас сум сигурна дека вие оваа концепција ќе ја донесевте кабинетски како што ги донесовте Кембриџот и деветолетката“, одговори Царовска на Ласовска.


Министерката истакна дека овој процес се води исклучиво транспарентно со вклученост на  многу засегнати страни во дебатите наставници, директори, академици, професори, граѓански организации, меѓународни организации, пратеници.