Царовска: Почна исплатата на зголемената социјална помош


Исплатата на зголемената социјална помош согласно правата предвидени со новата социјална реформа, почна денеска, а министерката за труд и социјална политика Мила Царовска изјави дека  25.794 домаќинства на нивните трансакциски сметки добија гарантиран минимален приход, која што за поголемиот дел од нив е зголемена за 100 отсто.

На сите овие домаќинства коишто имаат деца дополнително им е исплатен и детски и образовен додаток. Аплицирањето за новите права е се уште во тек и очекуваме овие бројки да продолжат со растат.

„Со овие промени ја намалуваме сиромаштијата во државата, овозможуваме еднаков старт за секое дете, ги унапредуваме правата на лицата со попреченост и го подобруваме квалитетот на предучилишното образование“, изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Министерката Царовска, исто така го честиташе денешното одбележување на Денот на социјалните работници во Република Северна Македонија.

„Сакам во име на Министерството за труд и социјална политика и од мене лично како министерка да се заблагодарам на вработените во центрите за напорите, посветеноста и пожртвуваноста во почетокот на имплементацијата на реформата на системот за социјална заштита. Без нив и нивната напорна работа, ова што се случува денеска и во наредните денови и месеци немаше да успее и да биде можно. Законите, прописите и актите се само зборови напишани на хартија, коишто ќе немаат никакво значење, ако не се преточат во функционален систем“, рече Царовска.

Директорката на Центар за социјални работи на град Скопје, Наташа Станојевиќ којшто покрива најголем дел од корисниците во државата ги повика домаќинствата да поднесуваат барања за остварување на правото за родителските додатоци (додатоците за прво, второ и трето дете) како и за детскиот додаток.