Царината одбележа 30 годишен јубилеј


По повод 30 годишниот јубилеј  од основањето, Царината пред државниот врв и соработниците ги претстави постигнатите резултати, реализираните реформи и најзначајните настани кои ги одбележале изминатите триесет години. Беа доделени и плакети за благодарност до соработниците,  а присутните имаа можност да проследат демонстрација со опремата за контроли што се користи во секојдневното царинско работење и поблиску да се запознаат со улогата на Царината за заштитата на општеството.

Царинската управа изминатите две години во периодот на глобална криза предизвикана од пандемијата со КОВИД-19, како и во услови на економска криза предизвикана од војната во Украина, покажа способност за брзо прилагодување и проактивно делување во новонастанатите околности со што се потврди како витална институција од посебно значење за стопанството и општеството, истакна премиерот Димитар Ковачевски на свеченоста по повод 30 години од основањето на Царинската управа.

Како што соопшти владината Прес-служба, Ковачевски посочи дека  Царинската управа и цариниците, заедно со останатите гранични агенции имаат исклучително важна улога во олеснувањето на трговијата и на патувањата и истото треба да го обезбедат преку поедноставени, стандардизирани и хармонизирани гранични постапки.

– Царинската управа веќе ги прифати и насоките за поддршка на регионалната соработка што се високо на агендата на Владата. Со цел понатамошно олеснување на трговијата, преку иницијативата „Отворен Балкан“ се реализираа активности кои придонесоа кон дополнително забрзување на протокот на стоки и патници. Веќе успешно функционираат заедничките контроли со Србија на граничниот премин Табановце, а потпишан е и Договор за спроведување на концептот на Уан Стоп Шоп со Албанија. Потпишан е Договор и протокол за имплементација за заедничко гранично регулирање на железничкиот сообраќај и со Косово на граничниот премин Блаце, рече Ковачевски.

Северна Македонија и регионот, како што посочи премиерот, бележат голем раст на бројот на патници и обем на стока во услови кога технологијата го менува економското окружување каде делува Царинската Управа.

– Во концептот за модернизирано царинско работење (Smart Borders) е потенцирана улогата на Царината, како еден од главните поддржувачи на Агендата 2030 на Обединетите Нации за одржлив развој. Преку создавање фер услови за сите учесници во царинската постапка преку поедноставени, стандардизирани и хармонизирани постапки треба да се обезбеди навремена испорака на сите суровини за индустријата и да се отворат можности за пристап до нови пазари. Решенијата се веќе утврдени во Стратегијата за развој и Акциониот план на Царинската Управа за периодот 2022 – 2024, каде што се дефинирани бројни проекти и активности за понатамошна модернизација и унапредување на Царината, наведе премиерот.

Како особено значаен го истакна и делот за е-Царина во кој се дефинирани проекти за развој и имплементација на нови информатичко-компјутерски системи за поврзување со системите на Европската Унија, како Блупринтот за новиот Национален едношалтерски систем.

– Дигитализацијата како процес во Царинската Управа е дел од дигиталната трансформација на општеството со која ја унапредуваме ефикасноста, но и ја зголемуваме довербата на граѓаните и на бизнис секторот во институциите. Таа е главна алатка на добро и транспарентното работење. Во таа насока Владата ќе продолжи со поддршка и промовирање на сите соодветни инструменти, иницијативи и алатки за поддршка на Царинската управа, кои преку дигитализација, автоматизација, безхартиено работење и градење на капацитети ќе обезбедат унапредување на ефикасноста и транспарентното и отчетно работење. Враќањето на довербата на граѓаните во институциите е приоритет за оваа Влада и преку овие напори за дигитализација и зголемена ефикасност, убеден сум дека ќе ги постигнеме нашите заеднички цели, рече Ковачевски.

На настанот се обратија и министерот за финансии Фатмир Бесими, директорката на Царинската управа, Славица Кутиров, генералниот секретар на Светската царинска организација Кунио Микурија и директорот на Генералниот директорат за царини и оданочување на Европската комисија, Томас Герасимос.