Цаноски си ја бара оштетата од 11 милиони евра, ако го прогласат застарен случајот „ТНТ“
Свесни сме дека станува збор за организиран криминал со цел да застари предметот, изјави Фијат Цановски околу судските игри за уривањето на „Космос“
Фијат Цаноски, сопственик на фирмата инвеститор ТД „ФИНЕ СКОПЈЕ ДОО“ денес одржа прес-конференција за судбината на предметот „ТНТ“ и притоа порача дека, ако се донесе одлука да застари предметот и остане без оштета од 11 милиони евра, нема да престане да ја бара правдата пред сите домашни и странски институции.
Цаноски се осврна на изминатите години во кои, и покрај сите случувања кон него и неговиот бизнис, тој и натаму продолжи да вложува во оваа држава. Објектот „КОСМОС“ се изгради повторно со нови вложувања, а Цаноски рече дека останал со верба и доверба во судството на оваа држава дека за предметот „ТНТ“ ќе се донесе правна и праведна одлука.Но, сега се соочува со одлуки кои водат кон застарување на случајот во кој претрпе огромна штета и за кој, ако испадне така како што стравува, ќе треба да плати Македонија како држава иако станува збор за огромна сума.
-Она што се случува деновиве во јавноста е тоа дека судијата известител и претседател на советот, Ѓоко Ристов, место да постапи согласно одредите од ЗКП за предметот и да закаже интерен термин за советување и гласање по него, тој закажува нова јавна седница за 6 ноември сè со една единствена цел, знаејќи дека ако таа се одржи тогаш советот ќе мора да донесе само една единствена одлука – да констатира застареност за кривично гонење спрема обвинетите и „ФИНЕ“ засекогаш да остане без својата оштета од 11 милиони евра.
За овој преседан кој излегува од границите на ЗКП на прес – конференцијата беа изнесени факти за правната процедура на предметот, намерните одлагања во постапувањето, раздолжување на предметот во жалбена постапка, непостапување со достава на предметот до Основниот кривичен суд за исправка на грешка на пресудата,што некој намерно ја сторил, и незакажување на термин за советување и носење на пресуда на Советот. На медиумите им е поделена правната анализа за дејствијата во овој предмет како би можеле истите вистината за „ТНТ“ да ја пренесат во јавноста, порача Цановски.
Целта на прес – конференцијата, според Цаковски, е да се укаже на она што е очигледно: дека некој се обидува преку сите можни механизми да го застари предметот иако правните механизми предвидуваат само едно – закажување на интерен термин за советување и гласање на Советот кој постапува по овој предмет и донесување на Одлука со датум од 8.5.2023 година.ФИНЕ“ поради се денес наведено ќе поднесе кривични пријави за сите за кои се сомнева дека сториле кривично дело – злоупотреба на службена должност по член 353 од КЗ.
Што и да се случи утре на ново закажаната јавна Седница за „ТНТ“, ТД „ФИНЕ СКОПЈЕ ДОО“ нема да престане да ја бара правдата пред сите домашни и странски институции.
Знаеме дека правдата е слепа. Свесни сме дека станува збор за организиран криминал со цел да застари предметот. Но, доколку тоа се случи, во што искрено не сакаме да веруваме, ние ќе се обратиме до сите институции, амбасади и надлежни институции, истакна Фијат Цаноски, основач на „ФИНЕ ДОО“.