„Бунтовната принцеза“ на македонски јазик: Децата се дружеа со актерите на претпремиерата во Скопје

Во свечена атмосфера, во Cineplexx во Скопје се одржа претпремиерата на анимираниот филм „Бунтовната принцеза“, британско-кипарска копродукција што го освои вниманието на најмладата публика – и тоа синхронизирана на македонски јазик. Филмот претставува ретка можност домашната публика да го доживее светот на анимацијата на македонски јазик, со синхронизација направена од исклучителна актерска екипа и во врвен 5.1 звучен формат.
Главните улоги ги толкуваат:
• Борче Нацев како Ронан
• Миа Кантарџиева како Мина
• Дејан Лилиќ како Кезабаор
• Никола Ристановски како Фин
• Тања Кочовска како Нахина
• Предраг Павловски како Кралот
• Димитрије Доксевски како Рогдаи
• Андреј Лалчевски како Фа-Чан
• Филип Трајковиќ како Кабир
• Александар Микиќ како Бјорн
Кастингот е на Снежана Конеска Руси.

Синхронизацијата на филмот ја реализираа Тик-Так Аудио и Апофениа пост, студија со големо искуство во областа на звучното адаптирање.
Тик-Так Аудио е носител на сите права на територијата на Македонија за овој наслов, за период од 7 години, што претставува важен момент за развојот на локалната индустрија на синхронизација и за подигнување на стандардите во оваа сфера.
Филмот веќе може да се погледне во Cineplexx во Скопје, како и во Киноверзум кината, 3Д Кино Битола и во останатите кина и културни домови низ целата република овозможувајќи им на децата и родителите од сите делови на земјата да уживаат во ова анимирано остварување на својот мајчин јазик.
“Во следниот период, „Бунтовната принцеза“ сакаме да биде достапна и на домашните стриминг платформи и ги повикувам сите дистрибутери за дигитални содржини да нè контактираат за да ги договориме условите за соработка“ , изјави Петар Николоски, извршен продуцент на Тик-Так Аудио.