„Булмак 2016“ уплати 58.231.096 денари за концесиски надоместоци во првите девет месеци годинава

Износот за концесиски надоместоци од Булмак 2016 за четирите општини Пробиштип, Крива Паланка, Кратово и Македонска Каменица, само за првите 9 месеци од 2025 година изнесува 45.420.255 денари


„Булмак 2016“, компанијата што ги управува рудниците „Злетово“ и „Тораница“, ја информира јавноста дека во првите девет месеци од 2025 година плати вкупно 58.231.096 денари концесиски надоместоци. Согласно законската распределба од нив 22% се слеваат во државниот буџет, односно 12.810.841 денари и останатите 78% или 45.420.255 денари се слеваат во буџетите на Пробиштип, Крива Паланка, Кратово и Македонска Каменица.

„Нашата одговорност се гледа и во бројки и во доверба. Во првите девет месеци од 2025 година пресметавме 58.231.096 денари за концесиски надоместоци, од кои значаен дел се слеваат во четири локални буџети. Тоа се средства за улици, училишта, спорт и услуги што граѓаните ги користат секој ден. Ќе продолжиме со транспарентна комуникација, инвестиции во безбедност и модернизација на нашите рудници и со цврсто партнерство со заедниците во кои работиме,“ изјави Тони Тоневски, директор на „Булмак 2016“.

Средствата на локално ниво се распределуваат во четири општини каде што компанијата има активности. Општина Пробиштип добива 21.694.615 денари, Крива Паланка – 21.817.460 денари, Кратово – 1.384.763 денари и Македонска Каменица – 523.417 денари. Овој прилив ја нагласува регионалната важност на работењето на рудниците Тораница и Злетово како стабилен извор за финансирање на општински проекти во инфраструктурата, образованието, спортот и јавните услуги.

„Булмак 2016“ останува посветен на навремено исполнување на сите законски обврски и на отворена комуникација со јавноста, велат од компанијата.

Комбинацијата од стабилно производство и предвидливи уплати создава поголема сигурност за локалните буџети и дополнителен простор за развојни проекти на регионално ниво. Во фокусот на компанијата се безбедноста, ефикасноста и општествена одговорност, со континуирани инвестиции во технологија, модернизација и мерки за заштита на животната средина, во партнерство со локалните заедници, се вели во соопштението до медиумите.