„Булмак 2016“ демантира дека имало еколошки инцидент во рудникот Тораница


Управата на рудниците Злетово и Тораница, компанијата „Булмак 2016“, денеска ги отфрли како целосно неточни објавите во дел од медиумите дека наводно се случил еколошки инцидент во рудникот Тораница, се наведува во соопштението од  „Булмак 2016“.

„Станува збор за невистинити и неточни информации, а дел од медиумите без никакви докази ја објавуваат и пренесуваат измислената информација за наводен еколошки инцидент“, велат од компанијата.

Како што се вели во реакцијата веста дека е предизвикан еколошки инцидент е апсолутно невистинита.

„Најодговорно тврдиме дека не постои никакво истекување, инцидент или било каков еколошки прекршок што би можел да ја загрози животната средина или водите на Крива Река. Производствениот процес се одвива под континуиран надзор на стручните служби и во целосна согласност со А-интегрираната еколошка дозвола и важечката регулатива“, се вели во реакцијата.

Компанијата останува цврсто посветена на еколошката одговорност, законитоста и почитувањето на јавноста со која дели ист простор и ќе продолжи да ја гради довербата преку факти, а не преку манипулации, се наведува во соопштението до медиумите.