Бујар Муча го подобри своето првично решение за Универзална сала – почна со Шилегов, ќе заврши со Љутков
Во салата ќе можат да се изведуваат театарски претстави кои не бараат многу високи сценски перформанси, а ќе можат да се прикажуваат и филмови

Подобра акустика, но со целосен капацитет на куполата, заштита од бучава на околните згради, дислокација на гардеробите за да се ослободи простор во фоајето, сцена која може да се моделира во зависност од потребите на перформансот, како и канцеларии за 50 работни места предвидува новиот план за изградба на Универзалната сала во Скопје, реконструкција престана по пожарот лани во април.
Новиот проект е изработен од истот архитект, Бујар Муча, кој во времето кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, го подари како донација првичниот проект за реконструкцијата на Универзалната сала. Тој вели дека едвај чека да почне со изградба Универзалната сала, за да го види своето дело заживеано.
Овој проект го спореше сегашната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, па поради долг застој во изградбата, Министерството за култура предводено од Бисера Костадиновска – Стојчевска, ги презеде ингеренциите за завршување на градежните работи, за по завршувањето повторно да го предаде објектот во владение на Градот. Но, откако завршија градежните работи за конструкцијата на куполата, Универзалната сала беше зафатена од пожар, што бараше изгработка на нов елаборат за да можат да продолжат градежните работи. Оттогаш работата стои во место.
Сегашниот министер за култура, Зоран Љуков веќе најави продолжување на изградбата со план за повторна употреба на Универзална кон крајот на 2027 година, што ќе чини околу 20 милиони евра, пари, кои како што уверува минситерот, Владата ги обезбедила.
Денеска, заедно со Муча го презентираа новиот изглед на Универзална сала, а архитектот ги појасни новитетите кои се вовеле во новиот план.
Муча рече дека биле констатирани искривувања и нестабилност на прстенот на врвот од куполата, но тоа не се главните носачи, туку секундарните и тоа, со обновата ќе биде поправено.
Вентилацијата на објектот нема да биде природна, како досега, туку преку систем за вентилација. Објектот ќе биде енергетски ефикасен со лед осветлување, заради што се очекува и трошоците за електрична енергија да се намалат.
Главниот влез во салата ќе биде проширен, а фоајето ќе овозможува движење на посетителите, но ќе има место и за седење. Гардеробите се повлечени до тоалетите, од двете страни на потковицата.
Во внатрешноста, заради новите стандарди за евакуација, капацитетот на седишта е намален на 1.200, но партерот е тој кој ќе овозможи разчилно поставување и користење на сцената, затоа што столчињата од него може да се поместуваат и во спротивен правец и потполно да се отстранат.
Со експерти од странство работеле и на решение на акустиката, која најтешко се постигнува во куполести објекти, па затоа во старата Универзална сала плафонот беше спуштен. Во новото решение со нови материјали се обезбедува и акустика, но и се зголемува капацитетот на воздух.
Надворешното партерно уредување, ги задржува парковски површини, но место фонтани, одредени точки ќе бидат со тартан подлога, затоа што тука секојдневно играат деца.
Очекувањата се до почетокот на октомври да завршат постапките за избор на изведувач и надзор, по што ќе започне изградбата на Универзалната сала по системот „клуч на рака“. Планирано е изградбата да биде завршена до крајот на 2027 година, а од 2028 година Универзалната сала да биде дел од програмата „Скопје – европска престолнина на културата 2028“. Инвестицијата е проценета на 20 милиони евра.
„Ова не е само објект – ова е инвестиција во културата, идентитетот и иднината на Скопје. Универзалната сала ќе стане модерен симбол на културна размена, креативност и заедништво, достапна за сите граѓани. Со нејзината изградба, создадовме предуслови Скопје да го зачува духот на својата културна традиција, но и да ја зајакне својата улога како европска престолнина на културата во 2028 година“, истакна министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
Во салата ќе можат да се изведуваат театарски претстави кои не бараат многу високи сценски перформанси, а ќе можат да се прикажуваат и филмови. Жртва на барањата на Градот во салата да се сместат 50 вработени, е малата сала, над влезот, каде сега же има само канцеларии.
Министерот потврди дека по завршувањето на градежните работи, објектот ќе биде предаден во владение на Градот Скопје.