Бугарските провокации имаат цел да не се направи промена на Уставот: Интервју со Ѓорѓи Спасов

Операцијата за пренесување на претепаниот охриѓанец наликуваше на „Спасувањето на војникот Рајан“ и беше наменета за нова мобилизација на националистите


Бугарија од позиција на „поголем брат“ и дел од ЕУ реално го кочи напредокот на Македонија, вели Ѓорѓи Спасов

 

Сѐ што се случува во изминатава недела во македонско-бугарските односи е дел од „империјалните амбиции“ на Софија кон Македонија и македонскиот народ. Кога после неколкуте вета дојде францускиот предлог и целата „рамковна позиција“ на Софија се сведе само на впишувањето на Бугарите во Уставот, почнаа провокациите преку формирањето на низа клубови на Бугарите во Македонија, оценува Ѓорѓи Спасов, поранешен амбасадор во Софија и универзитетски професор, во интервју за „Независен“. Според него, целта на оваа силна кампања преку вознемирувањето на македонското ткиво е, всушност, да не се усвојат уставните измени и Македонија да остане уште долго надвор од ЕУ.

Тој вели дека во центарот на целата оваа буда е претседателот на Бугарија, кој со акција во стилот на „Спасувањето на војникот Рајан“ го оркестрираше пренесувањето со владин авион на повредениот охриѓанец на лекување во Софија.  Крајната цел на оваа политика е членството на Македонија во ЕУ сѐ повеќе да им се одмилува на граѓаните.

 

Од каде дојде оваа „совршена бура“ во односите меѓу Македонија и Бугарија, кога по усвојувањето на францускиот предлог изгледаше дека страстите се смирија, а за вето веќе не се зборуваше?

Кога во 2017 година се потпиша Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, владата на Зоран Заев и многумина од нас веруваа дека со тоа ќе се стави крај или барем ќе се ограничат имеријалните амбиции на Бугарија кон Македонија.

Тие империјални амбиции на Бугарија кон денешна Република Северна Македонија постојат и не се згаснати од Балканските војни до денес. Тие се содржани во општото уверување во Бугарија, распространето и одржувано преку политичката пропаганда и преку образовниот систем, дека Македонците како посебна нација не постојат, дека нивниот јазик е само дијалект на бугарскиот и дека на територјата во некогашната Вардарска Македонија, а денешна Северна Македонија, преку процес на дебугаризација и со насилства е создадена вештачката македонска нација. Овие тврдења, кои се идентични на тврдењата на Русија и Путин за украинската нација, во Бугарија се сметаат за историска вистина и секое понакво толкување за настанувањето на македонската нација, во земјата или надвор од неа, се смета за „фалсификување на бугарската национална историја“. Бугарија, за жал, го нема отсонувано Санстефанскиот сон, денот на тој договор со кој била создадена Голема Бугарија, која никогаш не заживеа, го слави за свој национален празник. Во бугарската пропаганда и учебници пишува дека денешната бугарска држава на сите страни граничи „сама со себе“, односно со Бугарите што останале од другата страна на границата во Грција, Србија, Македонија и во Романија.

Ова верување во нивната вистина се испорача и со признавањето на независноста на Македонија (тие беа први) во 1991 година, но не ја признаа и посебноста на македонскиот јазик, нација и историја од пред 1945 година. Независноста на Македонија и нејзиното оддалечување од влијанието на Србија, ги пробуди надежите на бугарските националисти, кои секогаш имале влијание во највисоките бугарски политички кругови, дека е дојдено времето Македонија да се откаже од „фалсификатите на комунистичката историографија“ да ги признае бугарските корени на нацијата и да се поработи врз будењето на бугарската национална свест на населението во Македонија.

 

Дали Договорот за добрососедство беше искористен како алатка за оваа политика?

Со Договорот за добрососедство, кој беше потпишан на „македонски јазик според уставот на Република Македонија“, Бугарија доби две алатки за остварување на своите амбиции. Првата беше формулацијата дека „ништо од македонскиот устав“ (а тоа значи нити македонскиот јазик ниту македонската нација) не може да се толкува како мешање во внатрешните работи на Бугарија, кое беше толкувано како откажување на Македонија да го споменува и да се грижи за македонскот национално малцинство во Бугарија, и второ, обврската на двете земји преку Комисијата за историски и образовни прашања, врз основа на научни и историски факти да ги отстрануваат причините за меѓусебните недоразбирања, за опстојувањето на говор на омраза и преку заеднички чествувања на историски личности и настани, и да се придонесува во  подобрувањето на меѓусебните односи на народите од двете земји.

 

А што се случуваше претходно, кога македонски граѓани масовно одеа да студираат во Бугарија?           

Бугарија уште пред потпишувањето на Договорот за добрососедство имаше можност од македонските граѓани да прави бугарски државјани. Долго време таа политика се спроведуваше преку бугарската „Агенција за Бугарите во чужбина“ (туѓина) која им овозможуваше на сите студенти од Македонија што ќе се повикаат на своето бугарско национално потекло, да бидат ослободени од плаќањето школарина на бугарските универзитет како странци. Ако се има предвид дека таа школарина за странци изнесуваше околу 5 илјади марки годишно тогаш станува јасно за каков корупциски однос стануваше збор. А бугарската национална припадност или потекло студентите не мораа со ништо да ја докажуваат, освон со поднесокот дека бараат ослободување од плаќањето школарина по член тој и тој од Законот за високо образовани, според кој студентите од соседните земји со бугарско национално потекло се ослободуваат од плаќање школарина. Тие студенти по запишувањето беа контактирани од страна на Агенцијата за Бугарите во туѓина и организиарани во групи за негување и зачувување на бугарската национална свест. Кога Бугарија во 2007 година стана членка на ЕУ се стекна со уште поголема можност да прави бугарски државјани од македонските граѓани со издавањето пасоши за студирање и работа во сите земји членки на ЕУ. Тоа стана и вносен бизнис за Бугарија, но и можност за „успешност“ на политиката за будење на бугарската национална свест кај населението во Македонија, односно за „производство на нови Бугари“.

Кога во 1995 година Грција воведе трговско ембарго кон Македонија, Бугарија ја отвори својата граница и ги стави на располагање своите пристаништа за увоз на нафта и на сите други неопходни производи за Македонија. А кога во 2001 година Македонија се соочи со опсноста од нејзината поделба по етничките линии, Бугарија прва ѝ ги понуди своите тенкови на Македонија за одбрана. Оттогаш, во Бугарија секое неприфаќање на бугарската „историска вистина“ во Македонија почнува да се интерперетира од страна на нивните политичари и медиуми како „неблагодарност“ на Македонците на кои Бугарија секогаш им помага и ги третира како „свои браќа што останале од другата страна на границата“.

 

ДОКУМЕНТИ ЗА ПОТКОПУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА АМБИЦИЈА         

 

Што мислите, дали Преспанскиот договор беше неочекуван „шок“ за Бугарите?

Кога во јуни 2018 година Македонија го потпиша Преспанскиот договор со Грција,  и кога стана јасно дека веќе не може да се спречи членството на Македонија во НАТО, во Бугарија одново се возбудија националистичките страсти. Главната причина за тоа беше што го изгубија главниот партнер на Балканот (Грција) за негирање на посебноста на македонскиот јазик и посебноста на македонската нација и дека членството на Македонија во НАТО веќе ја прави безбедноста на Македонија и непроменливоста на нејзините граници загарантирана.

Бугарските националисти кои беа дел од владата на Борисов, и претседатлот Румен Радев, заедно со Бугарската социјалистичка партија, која бега од периодот на Георги Димитров како ѓавол до крст, тогаш почнаа да ја форсираат приказната дека за разлика од Грција, која со Договорот од Преспа ја принудила сега веќе Северна Македонија не само да си го смени името туку и да се откаже од „фалсификување на грчката историја“ преку признавањето дека нацијата нема свои антички корени,  Бугарија со својот Договор за добрососедство не успеала да ја заштити својата национална историја од посегање и фалсификување во Македонија.

Свесни дека следната амбиција на Македонија ќе биде членството во ЕУ и за својата позиција како членка која тој чекор на Македонија може да го условува со изнудување на отстапки, бугарскиот политички врв ја донесе прво Рамковната позиција на владата на Борисов за прием на Македонија во ЕУ,  која беше зајкната со декларација на бугарското собрание и со меморандум до членките на ЕУ, па врз основа на тие документи и става вето на нашата земја за започнување на разговорите за членство во ЕУ.

Во сите тие документи, Бугарија укажува дека некогаш нема да ја признае посебноста на македонскиот јазик и нација и дека условот за Северна Македонија да почне разговори за членство во ЕУ е земјата да се откаже од „фалсификување на бугарската национална историја“ преку напредок во работата на Комисијата за историски и образовани прашања, но и преку „спречување на говорот на омраза кон Бугарите во Македонија“ и заштита на лицата кои го декларираат својот бугарски етнички идентитет во Македонија.

Набргу, по сите тие документи, кои им ги врзаа рацете на членовите од Бугарија во Комисијата за историски и образовни прашања за исчекор во насока на помирување, Софија сфаќа дека колку и да се противи на посебноста на македонскиот јазик и нација тие тоа не можат да им го наметнат како политика на другите членки во ЕУ и за тоа да бараат поддршка.

 

Како дојде до тоа внесувањето на Бугарите во Уставот наеднаш да се претвори како главен услов на официјална Софија?

Под притисок на ЕУ за деблокирање на разговорите за членство на Македонија во ЕУ, Румен Радев излезе со ново барање, според кое услов за деблокирање на разговорите за членство би било промена на Уставот на нашата земја со цел да се внесат и Бугарите како државотворен народ во Македонија покрај сите други етнички заедници и спроведување на протоколите за соработка кои треба да доведат до напредок во работата на историската  комисија и намалување на говорот на омраза во Македонија кон Бугарите и Бугарија. Со тоа, смета Радев, ќе се обезбеди уставна заштита на бугарската етничка заедница во Македонија, и легален канал за будење и одржување на бугарската национална свест кај „дебугаризираните Македонци“.

Република Северна Македонија, новото барање на Радев го смета како напредок во односите со ЕУ и со право не гледа особена пречка за внесување на Бугарите во македонскиот либерален устав и покрај проблемите со мнозинството во Собранието, бидејќи таква позиција со нашиот Устав им се обезбедува на сите други етнички заедници во Македонија.

Свесни дека тоа може да помине во Македонија и да се доживее како пораз на бугарската империјална политика кон Македонија, бугарската држава започнува со систематска провокација на македонската национална свест и посебност преку формирањето на низа клубови на Бугарите во Македонија со имињата на Ванчо Михајлов, царот Борис, Фердинанд и други, односно имиња на личности од бугарската национална историја кои се познати по негирањето на македонската национална посебност и по идеите за целокупна Бугарија.

Клучна улога во новото влошување на односите има претседателот Румен Радев, оценува Ѓорѓи Спасов

 

Можеше ли македонската држава да реагира подобро и потактички кога почна епидемијата на ваквите клубови?

Неподготвеноста на македонската држава да спречи и онезвоможи вакви политички провокации, доведува до зголемување на стравот дека империјалните амбиции на Бугарија се остваруваат со премолчана согласност на власта, и тоа го зголемува на една страна отпорот на опозицијата кон внесување на Бугарите во Уставот, а од друга страна охрабрува некои лица од македонска нациоиналност даја земат правдата во свои раце со палење на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола или со претепување на секратарот на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид.

За државниот врв на Бугарија, кој не само што не го признава македонското национално малцинство во Бугарија, туку и со децении го има изложено на притисоци и прогон, ова е поводот да и им се докаже на другите членки на ЕУ дека Македонија е таа што со „помош на државно спонзорирана пропаганда“ шири говор на омраза кон Бугарите во Македонија и дека затоа Бугарија има право ако е протребно со друго вето да го спречува нејзиното ченство во ЕУ додека таа „демократски не созрее“.

Од позиција на „поголемиот брат“ и на членка на ЕУ која одлучува за прием на нови членки со консензус, Бугарија, која не признава било какви национални и јазични малцинства на своја територија, ѝ држи високопарни лекции на Македонија, реално го кочи нејзиниот економски развој со ветото за членство и континуирано во име на „бугарската исторска вистина“, прави провокции со формирањето на некакви клубови на Бугарите за „културна соработка“ во сите градови од Македонија со цел секаде да се вее знамето на бугарската држава и да се слават имињата на сите личности кои ја негираат посебноста на македонскит јазик, идентитет и историја.

Македонија, со цел да ги одржи добрите односи со Бугарија, никогаш јавно не проговори за систематското поттикнување на говорот на омраза во Бугарија кон Македонија и Македонците, никогаш не им даде поддршка на Македонците во Бугарија кои остануваа без работа и беа прогласувани за сепаратисти и непријатели на Бугарија само заради македонска национална свест, никогаш не протестираше заради забраната на ОМО „Илинден“ и забраните од страна на бугарската полиција и држава да формираат свое здружение или да положат венци на гробот на Јане Сандански. Македонската држава и покрај бројните барања на Македонците од Бугарија не им издаваше масовно македонско државјанство и пасоши и не правеше од бугарските граѓани македонски државјани, туку ги убедуваше дека тие како Македонци и граѓани на Бугарија преку меѓународните организации треба да си ги бараат и заштитуваат своите права. И сето тоа од бугарската држава беше сфатено како страв и немоќ, а  не како политика на пријатество и добрососедство од страна на Македонија.

 

„СПАСУВАЊЕ НА ВОЈНИКОТ РАЈАН“

 

И тогаш се случи инцидентот во Охрид.

Кога се случи претепувањето врз еден граѓанин на Македонија, кој бил и државјанин на Бугарија и секретер на клубот во Охрид, претседателот на Бугарија поттикна хистерија во Бугарија со акција во стилот на „Спасувањето на војникот Рајан“ со испраќањето на специјален авион на бугарското воздухопловство да го пренесат повредениот Бугарин во Воената болница во Софија, со организирањето протести пред амбасадата на ЕУ за „насилствата кон Бугарите во Македонија поттикнати од говор на омраза“, со повлекување  на амбасадорот на Бугарија од Македонија, со објавување дека ја прекинуваат соработката на сите заеднички проекти со Македонија, со закана од ново вето за членството на Македонија во ЕУ ако не бидат строго казнети сторителите на насилството. Бојко Борисов ја прими мајката на повредениот Бугарин во Софија, се сликаше со неа гушнат и ѝ ветил дека веќе нема да дозволат да се случуваат такви работи во Македонија.

 

Дали македонските власти реагираа соодветно?

Македонскиот министер за надворешни работи во мисијата да се спаси што може да се спаси отиде во Софија да го посети повредениот Бугарин и македонски граѓанин, и направи еден вид извинување во име да државата со повик да се смират страстите . Но, за жал, и на македонска страна веќе трпението беше исцрпено.

Токму таа перверзија од страна на луѓе кои со своите постапки на отворено негирање на посебноста на македонската историја, јазик и нација го поттикнуваат незадоволството на Македонците, па и говорот на омраза кон Бугарите и Бугарија, доведува до нови незадоволства на Македонија. Кога потикнувачите на говорот на омраза ќе почнат да се јавуваат во улога на борци за спречување на говорот на омраза, да се закануваат од позиција на „постариот брат“ и посилниот, тогаш на другата страна се јавува инаетот, кој вели  „ништо не ни можат“.

И така се создава и одржува замрзнат конфликт на Балканот, кој треба на Бугарија да ѝ даде можност за примена на други политики кон Македонија во случај да се зголемат овде внатрешните политички судири и ако се промени меѓународната ситуација со есклација на војната во Украина.

 

Кон каде може да води сево ова, освен во влошување на меѓусебните односи. Може ли оваа жица уште да се тегне?

Она што останува сигурно е дека со ваквата политика и однесување на Бугарија членството на Македонија во ЕУ сѐ повеќе им се одмилува на граѓаните. И тоа е веројатно една од целите на таа политика, која проложува со закани кон Македонија и со испраќањето на екстремисти да ја чествуваат Мара Бунева и да положуваат цвеќе на гробот на Гоце Делчев во Скопје, е да не наидува на сериозен отпор кај другите членки на ЕУ.

Надвор од ЕУ Македонија економски ќе слабее и ќе се задолжува сѐ повеќе и повеќе. Голем дел од способното население ќе се иселува. Оние што ќе останат ќе бидат огорчени и ќе инклинираат кон националистичките политики и авторитарни режими. И прашање е само дали е тоа фомулата која ЕУ ќе ја поддржува со толерирањето на политиката на ваква членка како што е Бугарија.

Долго време Русија зборуваше дека не постои украинскиот јазик, укаринска нација и украинска национална историја. Говореа и дека Украинците се вештачка нација. Но стана опасно кога почнаа да говорат за дискриминација и загрозеноста на Русите во Украина. Потоа обвинија за насилство на украинската власт врз Русите и за ограничување на нивните права. А потоа решија да извршат агресија, односно „специјална операција за спасување на Русите во Украина“ од терор. Бугарската империјална политика засега само ја следи таа матрица, а во некои вонредни околности може да се определи за „специјална опереција“, не за спасување на еден Бугарин од Македонија, туку на сите „загрозени“ Бугари.