Бугарскиот премиер тврди: ЕУ зазема страна во спорот со Македонија
Нашите европски партнери заземаат страна толерирајќи ја Република Северна Македонија и, соодветно, обвинувајќи ја Бугарија без реална и образложена
основа, оцени привремениот премиер на Бугарија, Стефан Јанев, пред амбасадорот на
Словенија Анджеј Франгеш.
Двајцата се сретнаа по повод почеток на словенечкото претседателство со ЕУ. Еден од главните приоритети на Љубљана е почеток на преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија и со Албанија. Сепак, Бугарија не ја поддржува преговарачката рамка за Македонија. За време на состанокот, Јанев ја потврдил „бугарската позиција и принципиелната поддршка за европската перспектива на РСМ и Албанија, нагласувајќи ја потребата за поефикасен дијалог и реална волја за решавање на противречностите меѓу Софија и Скопје “, соопшти владината прес-служба.
Бугарската страна инсистира на гаранции дека Македонија ќе го исполни договорот за добрососедство од 2017 година, обидувајќи се да обезбеди за неговото остварување контрола на европско ниво.Сепак, земјите-членки на ЕУ не го прифаќаат овој пристап затоа што не сакаат билатерални прашања да се решаваат на европско ниво.
Според претседателот Румен Радев и кабинетот, бугарската позиција станува сè поразбирлива за европските партнери, но засега нема изгледи бугарските барања да бидат вметнати во преговарачката рамка за Северна Македонија.Јанев му повтори на словенечкиот амбасадор дека Бугарија инсистира да се преземат „вистински активности за заштита на човековите права и за престанок на јазикот на
омразата“. Привремениот премиер посочи дека „се обидува да дејствува како
политичар, а не како бирократ и во оваа смисла главен приоритет е националниот интерес на Република Бугарија да биде заштитен максимално “.
Словенечкото претседателство планира состанок меѓу ЕУ и Западен Балкан во октомври и се надева дека Македонија дотогаш ќе добие зелено светло од Софија. Во моментов, сепак, нема такви сигнали.ЕК, САД, Германија и другите земји-членки ја повикаа Бугарија да ја смени својата позиција и да го поддржи почетокот на преговорите со Македонија, но скоро сите бугарски партии го поддржуваат цврстиот став во односите со нашата држава и одбиваат компромис доколку, според нив, таа продолжува да не ги исполнува бугарските барања.
За спорот со Македонија средба имал и словенечкиот премиер Јанез Јанша со бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.
„Исклучително срдечна средба со премиерот на Словенија на почетокот на словенечкото претседателство. Јанез Јанша е човек со огромно искуство и двапати беше претседател на словенечкото претседателство – во 2008 година и денес “, рече Ковачев по средбата.
Бугарскиот европратеник потсети дека Јанша поминал низ затворите на поранешна Југославија и знаел што е југословенски комунизам.