Бугарски европратеник ни се заканува со ново вето – на што?
Софија е затечена од барањата на Томас Вајц, некои го нарекуваат „тројански коњ“ на Македонија во Европскиот парламент
Секоја промена во европскиот консензус ќе ѝ даде право на Бугарија да стави вето на членството на Северна Македонија во Европската Унија, изјави во интервју за БГНЕС европратеникот Илија Лазаров (ГЕРБ-СДС/ЕНП), коментирајќи ги обидите за ревидирање на европските услови за Македонија.
Според него, известувачот во Европскиот парламент, Томас Вајц, дејствува во близок контакт со раководството во Северна Македонија.
„Томас Вајц е целосно под водство на Мицкоски и Муцунски и работи како практикант под нивен диктат. Она што го бараат е секогаш вклучено во неговиот нацрт-документ. Како ќе биде прифатен е друго прашање“, рече Лазаров.
Тој забележа дека минатата година бугарските европратеници успеале да ги блокираат предлозите поврзани со македонскиот јазик и идентитет што, според него, предизвикале смеа во Комисијата за надворешна политика.
„Сите 17 бугарски европратеници потоа работеа едногласно, потпишавме и испративме две писма до Роберт Мекол, до сите колеги во целиот синџир. Бугарската позиција беше разбрана – корекциите не треба да се пропуштат“, рече тој.
Според Лазаров, сега се прави обид да се елиминира вториот протокол, кој е дел од таканаречениот „француски предлог“.
„Францускиот предлог беше одобрен од 27-те земји-членки, беше потпишан и одобрен од тогашната влада на Северна Македонија и ратификуван од нивниот парламент. Сето ова помина и не е предмет на коментар – мора да се исполни“, нагласи тој упатувајќи потоа закана дека „ секоја промена на европскиот консензус автоматски ќе ѝ даде на Бугарија право да стави вето“.
Тој, исто така, го насочи вниманието кон процедуралните аспекти: „Не треба да се заборави дека не само за почеток на преговорите, туку и за финализирање на членството, Северна Македонија е предмет на ратификација од сите земји-членки. И дека секоја држава може да ратификува или да не ратификува.“
Оваа изјава сепак е политичко ретерирање на Софија, бидејќи сугерира дека во Бугарија се соочуваат со можноста преговори да почнат без да се исполнат условите што тие ги бараат. Во еден коментар лидерот на бугарска партија во Македонија, петар Колев, ја обвини за молк и неправење ништо бугарската политичка елита додека Македонија била во офанзива во Брисел. Можно е Софија да се соочува со реалноста дека може да и пропаднат уставните измени и внесувањето на Бугарите па избира попрагматичен пристап – да попушти и да го чува ветото за крај на преговорите бидејќи вака нема преговори но нема ни Бугари.
Сепак за однесувањето на македонските преставници, што во Бугарија последниве години се именуваат како „Скопје“, Лазаров употреби метафора: „Ова е единствениот клуб во кој има каква било кандидатура. Кога аплицирате за клуб, мора да се однесувате фер и да ги почитувате правилата. Не можете да влегувате, да ги кршите прозорците, да ги клоцате масите и столчињата и да се обидувате да ја наметнете сопствената едноставност.“
Околу прашањето за улогата на Марта Кос, тој порача дека има сериозни сомнежи за соучество со поранешните југословенски служби.
„Ова е едно од современите прашања што се дискутираат во Европскиот парламент“, рече Лазаров.
Според него, бугарските претставници во Европскиот парламент ќе продолжат да дејствуваат на координиран начин. „Нашата задача е едноставна и јас нема да ја завршам мојата работа… на крајот на краиштата, нема да ја напуштам мојата позиција, секој од нас ќе контактира еден со друг и најверојатно ќе можеме да се справиме со овие обиди“.
Во врска со обидот да се доведе во прашање вториот протокол преку толкување, тој коментира: „Секој пратеник може да бара такво толкување. Во моментов, тој едноставно се преправа дека е заинтересиран и ја извршува волјата на Мицкоски и на Скопје, со цел да крене пропагандна бучава“.
Во врска со предлогот, поврзан со одлуките на Европскиот суд за човекови права, Лазаров рече дека Вајц се повикува на „класичен преседан“: „Советот на Европа не е Европската Унија… Не можете да се повикувате на одлуката на друга организација“.
Како заклучок, тој подвлекува дека, и покрај критиките, европската перспектива на земјата се поддржува: „Сакам оваа земја да стане членка на ЕУ, бидејќи тоа ќе доведе до нешто добро.“
Наспроти невидениот молк досега на бугарските партии во однос на спорот со Македонија, иако се само десет дена пред избори, време кога обично го злоупотребуваа тоа, медиумите се вратија на оваа тема, од разни аспекти: со извештаи за протестот за употребата на албанскиот јазик, за Балансерот, за бугарските пасоши, па и за ДНК анализи кои покажале дека Македонците имаат најблиски корени со Бугарите, чекајќи само Бугарите да влезат во Уставот па да почнат да се мешаат политички во нашата држава преку правата на бугарското малцинство. паралелно се бараат и други аргументи да се проблематизираат преговорите со Македонија, кога протоколот предизвика вакви контроверзи во Брисел.
Па така, во еден од медиумите се анализираат нашите реформски напори, со оценка дека Македонија „е сè повидливо заплеткана во сопствените одложувања на патот кон Европската Унија“.
„Освен што не ги унапредува клучните уставни измени, земјата заостанува и во исполнувањето на обврските преземени во процесот на преговори, вклучително и во подготовката на еден од најважните патокази.Зборуваме за Патоказот за функционирање на демократските институции – документ што треба да ја гарантира стабилноста на институциите и демократските стандарди. Иако неговата подготовка трае речиси две години, тој сè уште не е усвоен. Според нашите извори, документот е во „напредна фаза“, но претстои ново одложување – јавна дискусија пред да биде доставен за усвојување од страна на министрите на ЕУ. Недостатокот на конкретен рок за финализирање на документот го засилува чувството на административен застој, особено во контекст на фактот дека другите два патокази – за владеењето на правото и за реформата на јавната администрација – веќе се испратени до Советот на ЕУ на крајот на 2023 година. Така, третиот документ останува критичниот дел што недостасува во пакетот реформи на Скопјe“, стои во анализата поткрепена веројатно со информации од Брисел, бидејќи за тоа никој не информира во Македонија.
И според овој медиум, дополнителен проблем е спорењето на протоколот, и доколку тезата на Вајц биде прифатена, „тоа би значело олабавување на обврзувачките механизми и потенцијално повторно преговарање за условите според кои Скопјe преговара со ЕУ“. Според медиумот, ова би можело да стане преседан што би можел да го промени начинот на кој ЕУ пристапува кон билатералните спорови во процесот на проширување. Генерално, оценката е дека земјата се наоѓа во спирала на самоблокада – комбинација од политички поделби, административни одложувања и надворешен притисок.
„Различни сценарија веќе се дискутираат во дипломатските кругови во Скопјe – од барање за правно мислење за протоколот до можна ревизија на преговарачката рамка. Таквиот развој би значел уште едно одложување на процесот на пристапување. Во оваа позадина, Северна Македонија ризикува да го изгуби моментумот што го изгради од 2022 година. Наместо да ја забрзува интеграцијата, земјата сè повеќе се гледа како пример за тоа како внатрешните проблеми и надворешните спорови можат да ја блокираат европската иднина.На крајот на краиштата, прашањето повеќе не е само кога Скопјe ќе започне вистински преговори, туку дали ќе може да излезе од ситуацијата во која само поставува пречки на својот пат кон Европа“, пишува медиумот.
Во текстот се објаснува дека Протоколот настанал во контекст на „т.н. француски предлог“. Исто така, се наведува дека во земјата е покрената постапка пред Уставниот суд и дека постојат специфични ризици од одлуката на правната служба на Советот на ЕУ. Според документот, постојат два начина за започнување на постапката за оспорување на протоколот – преку земја-членка или преку претседателството на ЕУ, а втората опција е Европскиот парламент формално да го повика Советот за мислење преку резолуција. Едно од 4-те сценарија за ризик наведува дека доколку има мислење кое не е во согласност со највисокото право на ЕУ – би било потребно повторно да се преговара за Преговарачката рамка.
„Еден од најзначајните заклучоци во документот е дека сегашниот модел создава можност за долгорочен политички притисок. Според Вајц, протоколот ѝ дозволува на Бугарија да го постави прашањето за недоволен напредок без јасен рок, што би можело да го одложи процесот на пристапување. Иницијативата на известувачот Вајц е правно прецизна и политички значајна. Досегашната стратегија – стабилизирање на политички компромис врз правно несигурни темели – носи ризик од трајна структурна моќ: протоколот ѝ обезбедува на Софија алатка што може да ја користи во секое време како аргумент за недоволен напредок, додека рамката не содржи рок за тоа колку долго можат да се презентираат ваквите забелешки“, пишува медиумот цитирајќи го „неофицијалниот документ“.
Пред две недели, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, коментирајќи за извештајот на Европскиот парламент, посочувајќи дека предлозите на европратеникот Томас Вајц се во согласност со позициите на Македонија. Според бугарските тврдења, што ги повторуваат сите политичари и медиуми, Македонија не е запрена од Бугарија во процесот на пристапување кон ЕУ бидејќи францускиот предлог, на кој се повикува европратеникот, е „паневропски, а не едностран чин на Софија“ и има за цел да обезбеди избалансиран компромис меѓу страните. Бугарија како што се тврди не ги блокира преговорите, но инсистира на спроведување на обврските преземени од Македонија, кои имаат за цел јасност во врска со учебниците, историската рамка и правата на заедниците.
Во тие размислувања како да ја принудат и со што да и се закант на Македонија за да ги стави Бугарите во устав и да ги исполни барањата од протоколот се врти и идејата за барање од Брисел да ги запре европските фондови за Македонија, бидејќи нема придвижување околу уставните промени, нешто што тешко ќе пројде бидејќи тоа ќе значи Брисел да се откаже од влијание врз нашата држава и врз процесот. Петар Колев пак отиде дотаму што Вајц го нарече “тѕројански коњ“ во ЕП, иозраз што стана многу попукларен сега во Брисел поради однесувањето на Виктор Орбан, а неговите легитимни средби со македонски преставници додека го прави извештајот се нарекуваат недозволиво политичко „лобирање“ и мешање.
„Известувачот за Северна Македонија е одличен пример за тоа како одреден европски пратеник ја игра улогата на тројански коњ… Тој прави нешто многу опасно – веќе решен случај во врска со усвојувањето на рамката за пристапните преговори на Република Македонијаб, тој се обидува повторно да го отвори со поставување одредени прашања до ЕК“, рече Колев. (С.Ј.)