Бугарски аналитичари: Македонофобијата во Софија ја зајакнува бугарофобијата во Скопје и обратно


 

Големата бура во македонско-бугарските односи то ги предизвика инцидентот во Охрид, не е случајна велата бугарски аналитичари за „Локално“. Професорот на софискиот Нов бугарски универзитет, Михаил Иванов, вели дека овој инцидент е неизбежна последица на низата провокации на великобугарските националисти и бугарските официјални власти.

„Македонофобијата во Бугарија ја зајакнува бугарофобијата во Северна Македонија и обратно. Во низата бугарски провокации против добрите бугарско-македонски односи е и скандалозното однесување на бугарскиот европратеник и копретседател на ВМРО-БНД Ангел Џамбаски, кој на 14 јануари за време на панихидата на хероината Мара Бунева предводеше група на бугарските националисти кои ја извикуваа великобугарската парола ‘Мизија, Тракија и Македонија’. Тој во својот говор ги упати шовинистичките повици: ‘Да живее обединетата и неделива бугарска нација од Охрид до Црно Море и од Дунав до Бело Море!, Да живее бугарска Македонија!’ Значајно е што бугарската држава не се огради од неприфатливото однесување на бугарскиот претставник во Европскиот парламент“, вели Иванов и додава дека тепањето мора најостро да се осуди, сторителите да бидат најстрого казнети и доколку се покаже дека тепањето е етнички мотивирано, да се смета за отежителна околност.

Според него, влошувањето на меѓудржавните односи е факт и дека меѓусебните провокации ги носат своите отровни плодови. Но нагласува дека „барањето за ново вето е предавство кон Македонија и добрите бугарско-македонски односи. Да не заборавиме дека за да се подели Македонија, бугарската држава го даде својот голем придонес во минатиот век“

Координаторката на програмата „Wider Europe“ и канцеларијата на „ECFR“ во Софија, Марија Симеонова, е децидна дека инцидентот со Христијан Пендиков не треба да се користи за уште едно влошување на односите меѓу граѓаните на Бугарија и Македонија.

Според неа. билатералните односи се детално институционализирани во билатералниот протокол склучен во јули 2022 година, врз основа на чл. 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Исто така, предвидува соодветните механизми да работат во случаи како сегашниот. „Треба да се истакне и дека посетата на министерот Бујар Османи на Бугарија, веднаш по нападот на Христијан, говори за одлучноста на македонската страна да се спротивстави и да ги осуди ваквите злодела“, вели Симеонова.

И таа нагласува дека правото на вето за запирање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ е последна мерка и скапо ќе ја чини Бугарија со оглед на напорите направени минатата година за изнаоѓање прифатливо решение за спорните прашања. „Дополнително, Бугарија е управувана од преодна влада, која не треба да прави остри кривини во бугарско-македонските односи. Употребата на  нападот на Христијан за кревање политички пароли е неприфатливо. Покрај тоа, шефовите на двете земји и политичките лидери остро го осудија инцидентот. Сепак, екстремните националисти не се заинтересирани за здрав политички тон бидејќи тоа им пречи на нивните кусогледи националистички агенди“, вели Симеонова.