Бугарија за две години мора да реализира речиси две третини од 25 милијарди евра добиени од ЕУ
Бугарија – Бугарија до 2030 година ќе има 50 милијарди лева (25 милијарди евра) грантови и пристап до речиси девет милијарди лева (4,5 милијарди евра) за позајмени ресурси, доколку одлучи да ги искористи. Тоа го изјави бугарскиот вицепремиер Томислав Дончев за време на првата дискусија „Европски пари во Бугарија – инструменти за обновување, грантови за кредити, фондови од програмскиот период“, организирана од весникот „24 часа“, во рамки на проектот „Тренд Европа“ .
– Поради инструментот „Идната генерација на ЕУ“, овој ресурс е многу повеќе од вообичаените средства кои Бугарија ги користи во рамки на еден програмски период. Дополнителните средства, вклучувајќи го и планот за закрепнување и одржливост, ќе бидат потрошени во многу пократок временски интервал – до 2026 година, објасни бугарскиот вицепремиер.
Како што јави дописникот на МИА од Бугарија, Дончев појасни дека голем дел од средствата, речиси две третини, мора да се реализираат во рок од две години, што значи дека ефектот од овие пари ќе се почувствува уште оваа и следната година.
– Овој пакет за финансирање е добар за Бугарија од многу причини. Бугарија е еден од оние што ќе добијат повеќе од една милијарда евра повеќе од новата повеќегодишна финансиска рамка во споредба со програмскиот период кој истекува. Ако ги споредиме средствата за останатите земји-членки според вредност за 2018 година во однос на БДП по глава на жител, Бугарија се наоѓа на прво место според износот на добиените средства. Прв пат во историјата на своето членство во ЕУ, Бугарија добива конкретни средства од 200 милиони евра, наменети за најслабо развиените региони во земјата, нагласи Томислав Дончев.
Според него, „ваквите дискусии се организираат многу ретко, што е голема грешка, бидејќи темата е толку сложена и детална што секоја јавна дебата ќе им овозможи не само на граѓаните, туку и на некои политичари да разберат за што станува збор. За жал, во оваа сложена политика и сфера во голема мерка доминираат клишеа, од кои многу се лажни“.