Бугарија усвојува уште една декларација за односите со Македонија
Комисијата за надворешна политика на бугарското собрание едногласно одобри предлог-декларација „во врска со систематското и методично уништување на дијалогот меѓу РСМ и Република Бугарија и провокативните и навредливи изјави кон Бугарија од страна на владини функционери на нашиот југозападен сосед“. Членовите на комисијата се состанаа на итна затворена седница која траеше два часа часа, јавија бугарските медиуми.
Оваа декларација ќе биде доставена и на разгледување на пленумот на собранието.
По средбата, претседателот на комисијата за надворешни работи, лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, изјави:
„Најважното нешто што го даваме со сите наши колеги овде е бугарските политичари, бугарската држава, сите партии да бидат обединети кога е во прашање добрососедството меѓу двете земји и секој што ќе го прекрши треба да сноси одговорност“.
Усвојувањето на ваква декларација по поттикна лидерот на националистичката Преродба, Костадин Костадинов, по изјавите на македонскиот вицепремиер, Александар Николоски, дека бугаските политичари не биле цивилизирани и биле мизерни, оценувајќи го скандалот со македонското знаме при неофицијалната посета на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Предложувајќи ја декларацијата, Костадинов изјави дека „мораме да ги информираме нашите партнери во ЕУ за тоа што се случува од другата страна на границата – дека всушност има саботажа и оваа саботажа е против паневропските политики, а една од нив е Коридорот 8“
Претходно, ГЕРБ, БСП и Има таков народ побараа оставка од вицепремиерот Александар Николоски.
Усвојувањето на оваа предлог-декларација доаѓа еден ден откако ЕУ одлучи да ги одвои Албанија и македонија на нивниот пат кон ЕУ. Текстот на декларацијата уште не е познат јавно.