Бугарија сака да го штити македонското небо со „Ф-16“


Членката на НАТО, Бугарија, може да помогне во заштитата на воздушниот простор на Македонија ако го доврши договорот за купување на осум авиони „Ф-16“ од САД, изјави премиерот Бојко Борисов.

Бугарија се обидува да ги замени своите стари ловци од советското време „МИГ-29“ и да ја подобри усогласеноста со стандардите на НАТО.
Агенцијата на Пентагон во понеделникот соопшти дека Стејт департментот ја одобри можноста за продажба на осум авиони „Ф-16“ и дополнителна опрема на Бугарија за цена од 1,67 милијарда долари.

Сепак, Бугарија очекува САД да понудат да продадат авиони за нејзините воздухопловни сили по намалена цена од 1,2 милијарда долари.
„Разговаравме со мојот колега Зоран Заев минатата недела… да го заштитиме воздушниот простор на Северна Македонија кога ќе ги добиеме новите авиони“, изјави Борисов за новинарите.

„Ова ќе биде добро за нив и за нас“, додаде тој.

Официјалниот предлог на САД за продажба на борбени авиони „Ф-16“ на балканската земја се очекува да пристигне во рок од една недела, рече во вторникот бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов.

Очекуваниот договор за „Ф-16 блок 70“ од „Локид Мартин“ ќе биде најголемата воена набавка на Бугарија од крајот на комунистичкото владеење во 1989 година.