Бугарија: Ќе остане ли Марија Габриел и без функцијата во ЕУ и без премиерството во Софија?

На Габриел ѝ ја откажаа поддршката социјалистите од БСП и коалицијата ПП-ДБ. За нејзината влада сега нема доволно гласови во парламентот


Марија Габриел

 

Работите во Софија се комплицираат за манадарката за состав на новата бугарска влада. Она што лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, го планираше со номинацијата на Марија Габриел, еврокомесарка за иновации и истражување до пред некој ден – удар за кој нема политичка одбрана, како да ја губи силата. Со лошиот развој на настаните Борисов ризикува повторно да ја отуѓи својата партија од другите политички сили, а во исто време без потреба да ја жртвува Габриел, која требаше да овозможи ГЕРБ да владее во земјата.

Габриел го доби мандатот за составување влада во понеделникот од претседателот Румен Радев и има седум дена да го предложи кабинетот и да го претстави во парламентот. И да бара доверба за него.

Изгледите тој да добие собраниска поддршка сега изгледаат помали отколку во понеделникот, но не се и загубени.

Од ГЕРБ изјавуваат дека Габриел ќе предложи кабине, иако според јавните изјави не може да ја собере потребната поддршка. Ерозијата на поддршката прво дојде од социјалистите од БСП, а потоа и одбивањето на коалицијата Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија (ПП-ДБ). Од своја страна, пак, ГЕРБ вели дека нема да поддржи влада со мандат на ПП-ДБ. 

Пред новинарите во парламентот Габриел најави дека следната недела ќе се врати кај претседателот со завршен мандат – односно со предлог-влада, која потоа ќе биде ставена на гласање во парламентот. По одлуката на БСП и ПП-ДБ да не поддржат кабинет со мандат на ГЕРБ, шансите владата „Габриел“ да помине на гласањето се само теоретски.

Бугарските медиуми јавуваат дека двете други партии, ДПС и ИТН не му велат „не“ на ГЕРБ, но не кажуваат ниту јасно „да“. Сепак, Габриел најави дека ги продолжува преговорите. „Останувам отворена за разговор со сите, но сега преминуваме во следната фаза“, рече таа.

„За мене има многу јасна порака во овој чекор – одговорност. Сега е време Бугарија да има работна влада. Моите пораки денес се јасни – имавме состаноци цела недела, сега е време да преминеме во следната фаза – поддршка за влада со прв мандат, со јасни приоритети, експертска влада една година, но веќе ќе зборуваме за имиња и состав на Советот на министри“, додаде Габриел.

Меѓутоа, доколку сите страни се усогласат со нивните јавни барања, овие разговори ќе бидат само со ДПС и ИТН. Со поддршка на ДПС и ИТН  владата на Марија Габриел би имала поддршка од вкупно 116 пратеници, што е помалку од половина. Но, хипотетички и со овие гласови кабинетот би можел да помине доколку од салата за време на гласањето отсуствуваат најмалку девет пратеници од БСП, ПП-ДБ или Преродба, затоа што владата се избира со гласови на оние пратеници што се салата, а не на вкупниот број народни избраници. Сепак, таквиот развој на настаните изгледа неверојатен, пишуваат бугарските новинари. А ако пропадне првиот мандат, вториот ќе го добие ПП-ДБ.

„Ако не се случи со првиот, нема шанси да се случи и со вториот и со третиот“, рече денеска Борисов, со што јасно кажа дека доколку неговата партија не добие поддршка од ПП-ДБ и втората нема да го реализира мандатот.

Малку порано и Марија Габриел изјави дека „не гледа политичка логика во таквата одлука“ ,ГЕРБ да поддржи мандат од ПП-ДБ.

На брифинг со новинарите во парламентот, лидерите на ПП-ДБ денес го потврдија ставот барањето дека нема да поддржат влада на ГЕРБ и наместо тоа посочија дека единствен начин да се избегнат нови предвремени избори е да се формира влада со вториот мандат .

Коалицискиот копретседавач Кирил Петков најави дека формацијата ќе се фокусира на изнаоѓање уставно мнозинство за да ги спроведе реформите во основниот закон на земјата.

„Сметаме дека не може да има трајно решение на политичката криза без да се реши проблемот со основните гаранции за владеењето на правото во Бугарија. За ова е потребна решителна промена на моделот на управување на обвинителството, затоа во подготовките за вториот мандат започнуваме разговори со сите политички сили со кои сакаме да го тестираме постоењето на уставен консензус“, најави копретседателот на Демократска Бугарија, Христо Иванов.

Од коалицијата изјавија дека првата идеја е да се реконструира Врховниот судски совет за да се исполнат европските барања и меѓународните стандарди, што, според неговите зборови, значи да се одвојат судските и обвинителските квоти во советот и да има силна јавна контрола. Втората идеја е максимално да се ограничат овластувањата на главниот обвинител, особено кадровските овластувања, за „да се прекинат сите оние форми на формално и неформално влијание, кои обвинителството го претвораат во квазиполитички играч“. (Н.В.)