Бугарија ќе му ја земе концесијата на „Лукоил“ за пристаништето Розенец


Коалицијата „Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) вчера до Народното собрание поднесе предлог-одлука, со која пристаништето Розенец се враќа под контрола на бугарската држава.

Сега пристаништето, кое се наоѓа јужно од Бургас, е под контрола на втората по големина руска нафтена компанија Лукоил. Концесијата на Лукоил-Бугарија беше продолжена без причина за уште 24 години во октомври минатата година од страна преодната влада назначена од претседателот Румен Радев. Проектот и аргументите пред медиумите ги изнесоа копретседателите на двете партии од коалицијата Кирил Петков и Атанас Атанасов.

„Поднесуваме предлог за враќање на контролата на бугарската држава врз пристаништето Розенец. Нашиот предлог ќе ја прекине концесијата на пристаништето Розенец, која преодната влада ја продолжи за 24 години без причина“, изјави Кирил Петков од парламентот.

 „Сметаме дека контролата над ова пристаниште е клучна за бугарската држава и во принцип сите клучни инфраструктури треба да бидат под контрола на Бугарија. Особено оние долж границата. Знаете, во минатото секогаш постоеше сомнеж каква е контролата на ова пристаниште. Нашата стратешка цел е да влеземе во Шенген и ова е голем, јасен чекор во таа насока“, изјави Петков.

Лукоил може да стопанисува со ова пристаниште и  нема да има проблеми со неговото работење, но ќе биде целосно под бугарска контрола. Овој чекор е исто така во согласност со регулативата на ЕУ за санкции против Русија поради војната.

„На овој начин, јасно кажуваме дека Шенген е наша национална цел, дека отсега нема да се предаваат клучните бугарски локации без причина и да се прошируваат со нејасни цели и дека тоа е пристапот што оваа влада и овој парламент ќе го поддржат“, рече Петков.Со овој потег се одзема уште една алатка за моќ на претседателот Румен Радев кој важи за руски човек.