Бугарија ќе издвои околу 300.000 евра грантови за проекти во Македонија


Бугарија ќе ја поддржи Македонија во финансирање на седум проекти во вкупна вредност од 296.441 евра (579.789 лева) неповратни средства од буџетот на Министерството за надворешни работи, преку програмата на официјална развојна помош и хуманитарната помош.

Првите четири договори во вкупна вредност од околу 207.500 евра (415.480 лева) беа потпишани од бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов на 15 декември со корисниците на проектите од областа на здравството, на развојот на младите и на граѓанското општество во Република Северна Македонија, соопшти Министерството за надворешни работи на Бугарија.

Склучени се и договори со Здружението за третман на деца „Во мојот свет“ од Скопје за спроведување на два проекти – „Реконструкција и опрема на Првиот дневен центар за млади и возрасни со нарушувања на аутистичкиот спектар во Република Северна Македонија“ во вредност од околу 117.000 евра (234 700 лева) и „Третман и сензорна терапија на деца со аутизам, нарушување на хиперактивност со дефицит на внимание (АДХД) и Аспергеров синдром од социјално загрозени семејства во 2021 година“ во вредност од околу 36.500 евра (73.340 лева).

Другите два проекти, чија цел е да го поддржат развојот на граѓанското општество и младите, се „Поддршка за меѓународна размена на невладини организации“ во вредност од околу 23.500 евра (47.583 лева) и „Воспоставување центар за развој на креативност за деца и младинци“ Творителница во вредност од околу 29.000 евра (59.857 лева). Овие проекти ќе бидат спроведени од Центарот за современи истражувања Охрид и Здружението на граѓани – Академија за иновативно образование, кариера, бугарски јазик, култура, традиции и други интелектуални услуги „Здраво“.

Потпишаните договори за проекти се во рамки на донесената одлука од Советот на министри за доделување на вкупно 1.280.000 милиони евра (2.560.812 лева) за грантови за финансирање на проекти во Македонија, во Србија, во Албанија, во БиХ, во Црна Гора, во Косово, во Украина, во Молдавија, во Грузија и во Ерменија.