Бугарија и Македонија градат мостови на доверба за полесно решавање на проблемот и обезбедување ЕУ перспектива за земјава


Властите во Северна Македонија и во Бугарија се согласни дека е потребен конструктивен дијалог меѓу двете земји за надминување на проблемот и што поскоро членство на земјава во ЕУ. Тие се согласни и дека двете земји се пријателски и оти во тој дух треба да се движи натамошната соработка, која ќе помогне во јакнење на довербата. Пријателството што ги врзува, велат властите од двете земји, ќе овозможи сами да го решат меѓусебниот спор, без посредници, а со тоа да ја овозможат и европската перспектива на Северна Македонија.

-Секојпат се добредојдени пријатели кои сакаат да помогнат, но дефинитивно ова е билатерален спор и така треба да го решиме, рече вчера премиерот Зоран Заев.

Во телефонскиот разговор што завчера го имал со неговиот бугарски колега, премиерот на техничката Влада Стефан Јанев, Заев рече дека се договорени некои следни чекори кои верува, како што истакна, оти ќе бидат потврдени и од бугарска страна, согласно вестите кои ќе ги донесат претседателите Румен Радев и Стево Пендаровски.

-Разговорот уште еднаш го потврди големото пријателство меѓу нашите две земји. Ние очекуваме, а Бугарија потврдува дека наша желба е, а верувам и нивна аспирација во иднина, ќе биде поддршката на целиот Западен Балкан за интеграција во ЕУ, па така и на Северна Македонија. Но, битно е да проодлжиме да работиме на изноѓање на решенијата. Сепак, ќе кажам, Европа е кабаетлија и ни должи многу, рече Заев.

Тој повтори дека земјава 16,5 години чека пред вратата на ЕУ.

-Што и да е, многу е. Испорачавме се, нема дилеми од никој, ниту од дома, ниту од надвор, и за делот на реформите и за европските манири и за дипломатскиот и начинот на дијалог на решавање на проблемите. Докажавме и одржавме европски лекции за цел континент и навистина заслужуваме. Секогаш ја испраќам и пораката за замолница до Бугарија за поддршка на Северна Македонија зашто лесно е да се стават непријатни состојби меѓу нашите народи, а не е така лесно да се градат пријателства и да се унапредуваата врските. Важно е каква историја денеска испишуваме зашто таа ја отвара иднината за идните генерации, потенцира премиерот.

И министерот за надворешни работи Бујар Османи е согласен дека пристапот на актуелната бугарска Влада е конструктивен, особено во создавање на довербата и во реториката и во чекорите.

-Сакам да ја охрабрам таа конструктивност и да одговорам на таа конструктивност со наша конструктивност и се надевам дека во наредните денови и недели ќе правиме чекори кон враќање на довербата, изјави вчера Османи.

Шефот на дипломатијата потенцира дека се работи со бугарската страна на градење доверба, но оти парлалено се разговара и за предлогот на Португалското претседателство на ЕУ.

-Кое било решение може да се најде само во услови на вратена доверба помеѓу страните, односно дека е невозможно да се најде решение при изгубена довербата. Довербата е како мозаик од камчиња. Треба камче по камче да ја изградите. Мислам дека тој процес на изградба на доверба го започавме сериозно во последните денови и планираме во наредниот период, а посебно во наредните две – три недели да ја изградиме таа доверба со мали и големи чекори кои беа пропуштени во изминатиот период поради многу причини. Со тоа да создадеме атмосфера помеѓу двете страни на доверба. Паралелно работиме со нашите пријатели во рамки на предлогот на Португалското претседателството за којшто се разговара на повеќеќ форуми, рече министерот за надворешни работи.

Претседателот на Бугарија вчера по средбата со италијанскиот колега во Рим изјави дека Бугарија сака што поскоро да ја види Северна Македонија, како и другите земји од Западен Балкан, на европскиот пат.

– Сите сакаме да ги видиме овие земји на нивниот европски пат што е можно поскоро. Јас многу јасно ја објаснив бугарската позиција дека ќе напредуваме кога самите земји ќе покажат јасно и неповратно дека ги исполнуваат критериумите, рече Радев.

Во насока на зајакнување на пријателството и довербата тој најави дека во моментов бугарската Влада работи заедно со Владата на Северна Македонија и дека наскоро Бугарија ќе донира „значителна количина“ вакцини за земјава.

Радев потенцира дека со македонскиот претседател Стево Пендаровски, со кога заедно отапуваа во Рим, разгледувале идеја да се поканат ученици и студенти од земјава да минат дел од одморот заедно со деца од Бугарија.

– Ако успееме тоа да го постигнеме тоа, ќе се направи најважниот чекор за надминување на децениска пропаганда со инсинуации и спротиставувања меѓу двете држави. Ако ги собереме нашите млади луѓе заедно, сигурен сум дека тоа ќе неутрализира какви било пропаганди, нагласи Радев.