Бугарија го уверила Ескобар дека нема да додаде повеќе услови за Македонија
Заменик-помошникот државен секретар на САД задолжен за Западен Балкан Габриел Ескобар, во телефонско интервју за Гласот на Америка на македонски, рече дека бугарските колеги го увериле оти немаат намера да додадат повеќе услови за Македонија кон ЕУ.
Ескобар нагласи дека не се работи за гаранции, туку само за уверување од Бугарија оти сакала да го види регионот да се движи напред на европскиот пат.
„Имав разговори со моите бугарски колеги и тие ме уверија дека немаат намера да додадат повеќе услови. Тие би сакале да видат напредок на патоказот што веќе е таму. И сакаме да бидеме сигурни дека можеме да работиме со сите страни за да осигураме дека тие услови се исполнети. Но, тоа треба да биде, да остане засновано на факти и вкоренето во постоечките обврски, за да осигураме дека акедонија ќе може да се движи напред во пристапниот процес“, одговори Ескобар. На прашањето дали тоа значи дека нема да има ново вето ако другите услови се исполнат, Ескобар одговори: „Јас тоа така го протолкував“.
„Сакам да бидам многу јасен дека нашиот став е дека секоја земја што влегува во Европската Унија е попросперитетна, подемократска и постабилна, поради посветеноста на вредностите и посветеноста на владеењето на правото. А оние реформи што се потребни за членство во ЕУ треба да се одржат, тие треба да бидат целта кон која се стреми Македонија, а не за домашна политичка добивка на која било од страните. Ние ќе продолжиме да стоиме покрај оние луѓе кои сакаат реформи и кои сакаат да ги исполнат европските барања“.
Ескобар, исто така, рече дека нема информации за можни преговори и пазарење за уставните измени меѓу владата и избеганиот поранешен премиер Никола Груевски, како што изјави лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски за германскиот весник ФАЦ.
„Само ќе кажам уште еднаш, дека владеењето на правото и напредокот што го направи Северна Македонија се навистина важни да се одржат додека се движи напред во Европа, затоа што членството во Европската Унија навистина е за стандарди и вредности и посветеност на владеењето на правото“.
Ескобар истакна дека санкциите на САД против корумпираните актери се многу ефективни и може да се очекуваат повеќе.