Бугарија го очекува третиот бран на Ковид-19 за три недели


Се зголемува и бројот на инфицирани, и бројот на починати, и на оние кои завршуваат со хоспитализација

 

(Од нашиот дописник)                                                                                                                                                                Јовка Димитрова

СОФИЈА – Бугарија очекува да влезе во трет бран на инфекција со корона вирусот во рок од три недели. Ова го објави претседателот на Националниот оперативен штаб за борба против гените на коронавирусот, Венцислав Мутафчииски.

Предупредувањето беше издадено само три дена откако беа олабавени ограничувањата и повторно се отворија големите трговски центри и спортски сали, а започна и враќањето на учениците во училниците кои досега учеа од далечина.

„Вториот бран дојде за 7 недели, но на пониски основни нивоа. Сега веројатно нема да имаме толку време, не повеќе од три недели“, рече Мутафчииски.

Тој ги повика директорите на болниците да се подготват за приливот на нови пациенти и граѓаните да ги следат правилата носејќи маски и да не се собираат во големи групи.

Шефот на главниот ковид-штаб рече дека ограничувањата не се почитуваат во зимските одморалишта, продавници и спортски сали, што го зголемува ризикот од брзо ширење на инфекциите.

Според Мутафчииски, најсериозна е состојбата во областа Ќустендил, каде се заразени 235 на 100.000 жители, а и во Софија.

„Во моментов ситуацијата е сè уште добра, но трендот е обратен и во февруари бројот на пациенти ќе се зголеми“, потврди главниот здравствен инспектор на Бугарија Ангел Кунчев.

Тој објасни дека властите се подготвуваат за две сценарија: бавно зголемување на новите случаи, како во Франција, или експоненцијално ширење, како во Ирска и Португалија, во зависност од тоа дали се почитуваат ограничувачките мерки.

Процентот на позитивни тестови од ПЦР се зголеми од 5 на 7 проценти за само една недела. Инфицираните се зголемија од 90 на 113 на 100.000 жители. Бројот на жртви повторно се зголеми, како и пациентите со Ковид-19 во болниците. Во моментов се хоспитализирани речиси 3.000 луѓе, а 289 се на интензивна нега. Бројот на починати е веќе 9.218, со вкупна стапка на смртност од 9,9 на 100.000 жители. Новите случаи потврдени во четвртокот се 719, или вкупно 221.266 од почетокот на пандемијата.

Во исто време, стапката на вакцинација продолжува да биде ниска, а Бугарија останува последна според бројот на вакцинирани граѓани во Европа. Досега се искористени само 47,6% од 94.920 дози на вакцини кои веќе пристигнале во Бугарија. Направени се 50.124 иноколуации, но само 16.433 лица ги примија двете дози. Кунчев објави дека во моментов се имунизираат жителите на домовите за стари лица и наставниците.

За прв пат министерот за здравство Костадин Ангелов објасни како ќе се вакцинираат странските граѓани. Оние од нив кои постојано живеат во Бугарија ќе бидат изедначени со бугарски граѓани. Доколку спаѓаат во некоја од приоритетните групи – медицински лица, наставници, администрација, пензионери и хронично болни, тие ќе бидат имунизирани заедно со Бугарите од овие групи. Оние кои имаат бугарски пасош, но не живеат, работат и студираат во земјата, ќе можат да се вакцинираат кога ќе започне масовната кампања за сите бугарски граѓани.