Буџетската дупка ќе биде 1,4 милијарди евра на крајот на годината, алармира Филипче
Заклучно со септември, реализирани се само 43,78 отсто од предвидените средства за капитални проекти. Ова ќе биде уште една изгубена година, вели Филипче

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денес на прес-конференција предупреди дека до крајот на годинава во Буџетот ќе недостигаат 1,4 милијарди евра. Според него, станува збор за фрапантна дупка во Буџетот, која ќе мора да се покрие или со ново задолжување, или пак, со ново оптоварување на даночните обврзници или со кратења кај јавните услуги.
„Се наоѓаме на само 75 дена пред крајот на 2025 година, а буџетската рамка, која е дефинирана од приходите и расходите во буџетот, покажува загрижувачка слика: Имено до денес, приходите се реализирани со 70,78 отсто или 256,5 милијарди денари. Во исто време, расходите се на ниво од 72,82 отсто, односно речиси 294 милијарди денари. Ова значи дека со вакво темпо, а тоа е за очекување, на крајот на годината ќе недостигаат околу 1,4 милијарди евра за да се покријат сите трошоци. Тоа е фрапантна буџетска дупка. Ова значи дека сите овие пари ќе треба да се покриваат со задолжување, со нови оптоварувања за бизнисите и граѓаните, или со кратења кај најважните јавни услуги. Ја прашувам власта, што планира да прави и како ќе ги покрива овие 1,4 милијарди евра?“, праша Филипче.
Лидерот на СДСМ рече дека економската состојба во државата е алармантна поради што чувствува должност и загриженост да ја објави вистината пред граѓаните наспроти пораките за економски „успеси“, кои власта ги зборува на митинг.
„Во време кога премиерот Мицкоски од митинг на митинг зборува за економски ‘успеси’, должност ми е да зборувам за реалноста и да ги информирам граѓаните за реалната економска состојба. Во изминатите 15 месеци постојано алармиравме дека економијата и економските политики на оваа власт се многу погрешни, а реализацијата на проектите е историски најслаба. Денес тоа што го зборувавме го потврдуваме со реални економски индикатори, факти и бројки. Овие податоци укажуваат на алармантна состојба со буџетот, со приходите, со инвестициите и реализацијата на капиталните инвестиции, како основни индикатори за економската состојба во државата“, рече Филипче.
Во однос на капиталните инвестиции, Филипче рече дека постои огромна загриженост заради нивната драматично ниска реализација.
Така, како што посочи, заклучно со септември, реализирани се само 43,78 отсто од предвидените средства односно 27 милијарди денари.
„Тоа значи дека ова ќе биде уште една изгубена година за капитални проекти“, рече Филипче додавајќи дека проекциите покажуваат дека до крајот на годината ќе има околу 55 проценти реализација на капиталните инвестиции.
„Ова до сега не било. Тоа значи дека пари што треба да отворат работни места, да донесат развој, едноставно ќе останат неискористени“, рече тој, обвинувајќи дека Владата нема ниту капацитет, ниту план, нема ниту визија да ги оствари ниту проектите кои што беа започнати ниту пак да започне со реализација на сопствените проекти.
Филипче се осврна и на сигналите од меѓународните институции, кои ги оцени како „загрижувачки“, како, на пример, Светска банка која укажува на слабата наплата на приходите, зголемените трошоци за камати и растечкиот јавен долг.
„Светска банка јасно повикува на фискална консолидација, или со други зборови престанете со непродуктивно трошење и заеми без покритие. За жал, Владата продолжува по иста траекторија“, рече Филипче.
Во однос на јавниот долг, тој рече дека во последните 14 месеци државата се задолжила со нови 1,86 милијарди евра, од кои една милијарда евра од Унгарија, 836 милиони евра преку аукции на домашни хартии од вредност, а во најава се нови 950 милиони евра надворешно задолжување и 70 милиони евра кон домашните банки.
„Светска банка веќе проектира дека јавниот долг ќе порасне на 62,9 проценти од домашниот бруто-производ, што нѐ прави најзадолжена земја на Балканот. Ние сме исто така единствена земја во која актуелниот долг го надминува предпандемискиот пик. Владата упорно повторува дека долгот е 61,7 проценти. Зошто оваа бројка е важна, бидејќи со неа се манипулира пред јавноста да се прикрие вистинскиот товар кој економијата ја влече надолу“, рече Филипче.
Тој додаде дека под површината стои уште еден проблем кој владата избегнува да го коментира. Станува збор за предупредувањето на Фискалниот совет за приближно 700 милиони евра досепани, а неплатени обврски.
„Тоа е скриен долг кој сериозно ја уништува ликвидноста на македонските компании“, рече Филипче.