Бучавата станува сериозен проблем – никој не се справува со неа


Фото: Б. Грданоски

Вознемиреност, нарушување на спиењето, кардиоваскуларни болести, пречки во говорната комуникација, а кај децата нарушувања на интелектуалните функции, како што се намалена меморија, намалено внимание, учење. Тоа се последиците што може да ги предизвика зголеменото ниво на бучава. За сите овие наоди постојат силни научни докази, но сепак, во Скопје, Тетово, Куманово и во Битола измерени се вредности повисоки и за 12 до 15 децибели од нормалната дозволена граница. Сега, во летниот период, граѓаните особено се жалат на бучавата што ја предизвикуваат кафулињата и дискотеките кои работат до доцна.

Фото: Б. Грданоски

„Скопје е град во сопственост на газди на кафеани, на дискотеки, на турбофолк места за излегување и на понекој газда на градежна фирма и т.н. ‘инвеститор’.

Скопје нема градска, а ни општинска администрација која се грижи за своите жители!“, напиша револтирано на социјалните мрежи жителка на главниот град.

 

Бучавата предизвикува сериозни заболувања

 

Покрај гласната музика, индустријализацијата и интензивниот сообраќај го зголемуваат проблемот, така што мирот и тишината стануваат сè понедостижни кај нас.

 

„Бучавата значително го намалува квалитетот на живот на граѓаните затоа што предизвикува директни ефекти, како вознемиреност и нарушување на спиењето кај населението и врши деградација на специфичните животни средини, како што се тие за учење и одмор“, вели за „Независен весник“ проф. д-р Гордана Ристовска од Секторот екологија при Институтот за јавно здравје. Според неа, при долготрајна изложеност на населението на бучава над дозволените гранични вредности, можат да се јават негативни здравствени ефекти кои се должат на стресогеното дејство на бучавата врз организмот.

 

„Вулнерабилни групи се претшколски и школски деца, стари лица, лица со оштетен слух, деца во фаза на когнитивен развој и психички лабилни личности. Значајно е да се истакне дека постои индивидуална осетливост кон бучава, затоа некои луѓе реагираат повеќе од другите. Исто така, постои физиолошки одговор – навикнување на бучавата, што значи дека ние не ја перципираме по одредено време, но таа влијае негативно на нашиот организам“, додава Ристовска.

 

Центарот за јавно здравје во Скопје прави процена на штетното влијание на бучавата во животната средина врз здравјето на населението.

 

„Поради сè поголемата концентрација на различните видови енергија, засилено интензивирање на сообраќајот, употребата на нови моќни машини и сообраќајни средства, доаѓа до значителен пораст на нивото на бучава во урбаните средини“, појаснува за „Независен весник“ Марија Хаџи-Николова, вонреден професор на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

 

Дозволениот интензитетот на бучава е различен за различни делови од денот, па така постојат индикатори за бучава, преку ден-Lд, за навечер-Lв и преку ноќ-Lн, изразени во dB(A), дефинирани во Правилникот за примена на индикаторите за бучава. Одделението по хигиена и здравствена екологија при ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје врши мерења на нивото на комунална бучава во април и во октомври. Во 2018 година, согласно Правилникот за локациите на мерните станици и мерните места, нивоата на бучава се мерени на четиринаесет мерни места. Резултатите се запрепастувачки.

Мерни точки во Скопје

Најбучно каде што најмалку треба – кај Клинички центар

 

Од 14 мерни места, граничната вредност на дозволена бучава е надмината на 11, а уште позагрижувачки е фактот што најголема бучава има во близина на Клиничкиот центар во Скопје. Во текот на денот кај Клиничкиот центар е забележано надминување на граничната вредност за 12,27 децибели преку ден и 7,23 децибели навечер, додека преку ноќ таму се забележува екстремно зголемено ниво на бучава со надминување од 15,64 децибели. Градската бучава ги надминува граничните вредности и кај Црвен крст, кај Соборен храм, кај гимназијата „Јосип Броз Тито“, кај бараките на Општина Кисела Вода, во Пржино, кај плоштадот „Јане Сандански“, во Чаир кај „Веро“, во Топанско Поле, кај Универзална сала, кај Воена болница, кај градинката „Орце Николов“ и кај паркот во Ѓорче Петров. Ова се најновите податоци за нивото на бучава во главниот град, но и претходни мерења покажувале зголемени нивоа на бучава во поголемите градови. Така, од извршениот мониторинг на нивото на бучава, кој го изработи лабораторијата АМБИКОН во рамки на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип во текот на 2016 година, во дел од населбата Аеродром во Скопје, во дел од централното подрачје во Тетово и во централното подрачје на Штип бучавата ги надминува граничните вредности за сите три индикатори (дневно, вечерно и ноќно ниво) во просек за 5 до 7 децибели на сите мерни места.

„Високото ниво на бучава во сите подрачја е резултат во прв ред на сообраќајната бучава, на зголемениот број на моторни возила, на нивната неисправност, на оштетените коловози, на непосредната близина на резиденцијалните објекти до сообраќајниците, на несоодветното урбанистичко планирање, на околните кафе-барови, трговско-деловните објекти, а секако свој удел има и природната и заднинска бучава“, појаснува за „Независен весник“ Хаџи-Николова.

Како мерки од лабораторијата препорачуваат воспоставување државна мониторинг-мрежа за континуирано мерење на нивото на бучава во Град Скопје и општините Тетово, Куманово и Битола и тоа на главните патишта, главните железнички пруги, главните аеродроми за кои треба да се изработуваат стратегиски карти на бучава. Исто така, се препорачува примена на соодветни архитектонски решенија, звучна изолација на станбените објекти и акустична обработка на просторот, а кај веќе постоечките објекти примена на мерки за внатрешна звучна изолација на просторот.

„Надлежноста за заштита од бучавата е во локалната самоуправа. Тие треба да преземат мерки за нејзино намалување во животната средина и да не дозволат тивките подрачја да станат бучни средини. Тоа може да се постигне со соодветно урбанистичко планирање, распоред на станбени, училишни и здравствени објекти во однос на сообраќајници и угостителски објекти. Во Скопје, но и во другите градови значаен извор на бучава се угостителските објекти поставени во станбени зони кои се особено активни во ноќните часови. Други решенија се звучна изолација на станбените објекти или поставување на звучни бариери околу изворите на бучава“, вели Ристовска.

Но од градот порачуваат дека не се надлежни за секоја бучава и дека надлежноста околу овој проблем е поделена.

„Од аспект на контрола и инспекциски надзор има поделба на надлежностите. Градот Скопје е надлежен за контрола на бучавата од сообраќајниците, државните инспекциски служби се надлежни за контрола на големите индустриски капацитети, за бучавата на автопатите, како и за авионскиот и железничкиот сообраќај. Општините, пак, се надлежни за контрола на бучавата од малите индустриски погони, угостителските објекти и слично“, појаснуваат од Градот. Велат дека граѓаните, кај нив, најмногу се жалат и доставуваат претставки за бучавата која ја создаваат угостителските објекти.

Инаку, законот за заштита од бучава во животната средина предвидува глоби од 500 до 20.000 евра за правните лица што нема да постават изолација на изворите на бучава, со што би се заштитиле граѓаните, а најчесто се изрекуваат глоби од 500 евра за сопствениците на кафулињата и на дискотеките.