Бруно Делбонел добитник на „Златна камера 300 за животен опус“ на 45. ИФФК „Браќа Манаки“

Делбонел  со „Амели“ на 44 години достигнува светска слава и во овој филм креира визуелно маестрално ремек-дело, рефлектирајќи го бајковитиот, обично - необичен свет на Амели


Бруно Делбонел е најновиот член во Клубот на великаните на „Браќа Манаки“. Изодувајќи го патот од лауреат на „Специјалната Златна Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност“ што фестивалот „Браќа Манаки“ му ја додели во 2011 година, по 13 години Делбонел им се придружува на светските кинематограферски великани, сега закитен со „Златна камера 300 за животен опус“, соопшти денес на пресот во Скопје, Симеон Мони Дамевски, директор на фестивалот. 
 
 
Роден е во 1957 година во Нанси, Франција. Студирал филозофија на Сорбона, а дипломирал во 1978 година на ESEC (Ecole Superieure d’Etudes Cinematographique), популарна и ценета школа за кинематограферски студии во Париз. 
 
По дипломирањето, Делбонел пројавил афинитет и кон режија, па во 1989 година го режира долгометражниот документарен филм инспириран од светот на
циркусот – „Големиот циркус“ / THE GRAND CIRCUS, но потоа ja продолжува својата кариера како кинематографер, создавајќи завиден опус во соработка со многумина значајни француски и светски режисери.
 
На почетокот на кариерата, како самостоен кинематографер ќе сними два кратки филма за сценаристичко – режисерскиот тандем Марк Каро – Жан Пјер Жене / Marc Caro-Jean Pierre Jeunet, и ова искуство ќе се покаже како решавачко, особено во подоцнежната соработка со Жене, кому во 1984 година му го снима краткиот игран филм „Нема одмор за Били Брако” / „Pas de repos pour Billy Brakko”). Во 1993 ќе дебитира со целовечерен игран филм, а со Жене станува повторно партнер во нивните две антологиски дела, за кои Делбонел ги доби првите две од вкупно шест номинации за Оскар: „Амели“ / AMELIE (2002) и „Многу долга венчавка“ / A VERY LONG ENGAGEMENT (2005). 
 
Во 2001 година, пред да дојде до номинацијата за Оскар, на фестивалот во Карлови Вари филмот „Необичната судбина на Амели Пулен / LE FABULEUX DESTIN d’AMELIE POULAIN, го освои Кристалниот Глобус. Тоа во аналите на овој фестивал останува како најголемо откритие на дело од француската кинематографија, а организторите на Кан ги остава разочарани поради сторениот превид, бидејќи пропуштиле тие да го лансираат овој антологиски авторски филм кој важи и за еден од најкомерцијалните.
 
Делбонел  со „Амели“ на 44 години достигнува светска слава и во овој филм креира визуелно маестрално ремек-дело, рефлектирајќи го бајковитиот, обично – необичен свет на Амели.
 
Покрај номинацијата за Оскар во 2002 година за филмот „Амели“, Делбонел ги доби и номинациите за БАФТА / BAFTA, ASC (Американското друштво на кинематографери), како и за наградата Цезар / Cesar, а ја освои наградата на ЕФА / Европската филмска академија за најдобар европски кинематографер.
 
Во сите три понови филмови номинирани за Оскар, Делбонел ја применува доку – играната визуелна структура својствена за неговите претходни дела, но со историски карактеристики на различни поднебја и периоди.
 
Делбонел ќе го збогати својот опус и низ соработката со плејада други истакнати светски режисери, како Питер Богданович во „Мјаукот на мачката“ / THE CAT’S MEOW (2000), полуавтентична крими драма за убиството на една актерка во Холивуд во 1924 година, што се случило на јахтата на милионерот Харст. Со рускиот режисер Сокуров ќе го сними „Фауст“ (2011), базиран на Гетеовиот мит за Фауст, кој освојува „Златен лав“ во Венеција, и „Франкофонија“ / FRANCOFONIA (2014), посветен на Парискиот храм на сликарската уметност – музејот Лувр, кој со својата трајна вредност и пркосел на фашистичката окупација. Со Тим Бартон ќе соработува во три наврати, речиси едно по друго. Во 2012 година тој го снима неговиот готски хорор „Мрачни сенки“ / DARK SHADOWS, во 2013 година соработуваат на сродниот, „Големи очи“/ BIG EYES и во 2016 година го реализираат „Домот на гопоѓица Перегрин за чудни деца“ / MISS PEREGRINE’S HOME FOR PECULIAR CHILDREN. 
 
Со браќата Коен одново ќе соработува во 2018 година, во пародиската вестерн комедија во нивен дух – „Баладата за Бастер Скрагс“ / THE BALLAD OF BUSTER SCRUGGS, а најновата соработка од тековнава 2024 година му е со Вес
Ендерсон / Wes Anderson, на неговиот најнов филм „Феникиска шема“ / THE
PHOENICIAN SCHEME (2024, во пост-продукција), со кастинг од соништата: Бенедикт Камбербач / Benedict Cumberbatch, Том Хенкс / Tom Hanks, Скарлет Јохансон / Scarlett Johansson, Бил Мареј / Bill Murray, Бенисио Дел Торо / Benicio Del Toro и Шарлот Генсбур / Charlotte Gainsbourg.
 
Во 2019 Бруно Делбонел бил назначен за шеф на кинематограферскиот отсек на
Прочуената париска филмска школа, La Femis, за да ги пренесе своите професионални кинематограферски искуства и знаења на новите генерации студенти и идни кинематографери.
 
Оваа година се очекува на Фестивалот да присуствуваат  досегашни добитници на наградата Златна камера 300 за животно дело во чест на јубилејното 45. Издание на ИФФК „Браќа Манаки“.