Бројот на загинати во пожарот во ски-центар во Турција се искачи на 76. Уапсени сопственикот и осум лица


Најмалку 76 лица ги загубија животите во пожар што рано утринава избувна во хотел во ски-центарот Карталкаја, во северна Турција, јавува Анадолу.

Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја потврди дека бројот на загинати во пожарот се искачи на 76.

Претходно денеска беше соопштено дека во пожарот е повредено 51 лице, од кои еден е во критична состојба. 17 од нив по укажаната лекарска помош биле пуштени од болница.

Јерликаја додаде дека во рамките на истрагата за пожарот во хотелот досега се уапсени девет лица.

Пожарот избувна рано утринава во ски-центарот Карталкаја, кој се наоѓа на приближно 295 километри источно од Истанбул.

На местото на несреќата беа испратени бројни служби за итни случаи од соседните градови, вклучително и пожарникари, тимови за одговор при катастрофи и медицински тимови, поддржани од хеликоптери. Од хотелот се евакуирани околу 230 луѓе, а истрагата за причините за пожарот е во тек.

Карталкаја, која се наоѓа во провинцијата Бол, е една од најважните зимски туристички дестинации во Турција, привлекувајќи илјадници посетители за време на скијачката сезона.

Во Турција е прогласен Национален ден на жалост, потврди претседателот Реџеп Таип Ердоган.

 

На истата тема:

(Видео) Десет загинати и 32 повредени во пожар во хотел во ски центар во Турција – Независен Весник