Британски „Телеграф“ оди во рацете на американскиот „РедБирд Капитал Партнерс“


Британскиот весник „Телеграф“ постигна „принципиелен договор“ со американската инвестициска група „РедБирд Капитал Партнерс“, според кој ќе биде купен за 500 милиони фунти (670 милиони долари или 592 милиони евра).

Американската групација најави инвестиции во понатамошен развој на весникот и негово меѓународно ширење.

Како што објави француската новинска агенција АФП, двете компании денес објавија дека договорот се однесува на „сите активности на весниците“. Со ова заврши процес што траеше речиси две години, во кој интервенираше и британската влада поради загриженост за влијанието врз уредничката слобода на весниците.

„РедБирд Капитал Партнерс“ нагласија дека договорот претставува почеток на „нова ера на раст за весниците“.

„Стратегијата за раст ќе вклучува капитални инвестиции во дигитални операции, претплати и новинарство додека работиме на меѓународно проширување на „Телеграф“, рекоа тие.

Тие додадоа дека веќе започнале разговори со одбрани малцински инвеститори со седиште во Велика Британија кои имаат „експертиза во печатените медиуми и силна посветеност на зачувување на уредничките вредности на „Телеграф“.

Конзервативниот весник се издава од 1855 година, а заедно со своите дигитални изданија, има приближно еден милион претплатници, според веб-страницата на „Телеграф медиа груп“.