Британците случајно испратиле тајни информации на руски сојузник наместо на САД


Британското Министерство за одбрана покрена истрага откако официјални лица несвесно испратија е-пошта со доверливи информации на близок руски сојузник поради печатна грешка.

Неколку мејлови наменети за Пентагон се испратени во Мали поради случајно пропуштање на буквата „и“ во адресата на електронската пошта, пишува Гардијан. Британските власти ги испратија пораките на адреса што завршува со доменот „.ml“ на Мали, а не со доменот „.mil“ на американската војска.

Истата грешка во САД беше откриена претходно овој месец, што предизвика милиони воени мејлови да отидат на адреса во Мали.

Министерство: Е-поштата не содржела информации кои би можеле да ја загрозат оперативната безбедност или техничките податоци

Британското Министерство за одбрана соопшти дека започнало истрага откако неколку мејлови по грешка биле испратени на погрешен домен на е-пошта.

„Уверени сме дека е-поштата не содржела информации што би можеле да ја загрозат оперативната безбедност или техничките податоци. Сите чувствителни информации се споделуваат на системи дизајнирани да го минимизираат ризикот од погрешно насочување.

Министерството за одбрана постојано ги прегледува своите процеси и во моментов спроведува програма за работа за подобрување на управувањето со информациите, спречување на губење на податоци и контрола на чувствителни информации“, велат од Министерството.

Путин му вети на Мали бесплатни испораки на жито
Мали беше меѓу шесте африкански земји на кои рускиот претседател Владимир Путин им вети бесплатни испораки на жито по пропаѓањето на Црноморскиот договор со Украина.

Платениците на Вагнер беа распоредени во Мали за да се борат против џихадистите заедно со армијата.