Брисел сака да и го одземе претседателствувањето на Унгарија

Перверзно е и неодржливо земја членка на ЕУ да води речиси постојана реторичка војна против неа и против другите членки и да биде претседавач шест месеци, сметаат во ЕП.


 Европскиот парламент наскоро ќе излезе со предлог за дополнително изолирање на Унгарија поради прашањето за владеењето на правото – откажување на нејзиното претседавање со Европскиот совет, кое Будимпешта треба да го преземе во втората половина на 2024 година.

 Според нацрт-резолуцијата  што треба да се гласа на 1 јуни, Европскиот парламент ја доведува во прашање способноста на Будимпешта да претседава со ЕУ  во согласност со Членот 7 од договорот за ЕУ. Доколку Советот не постапи околу претседавањето на Будимпешта, Парламентот се заканува  дека ќе преземе „соодветни мерки“.

Европратениците велат дека владата на Виктор Орбан е „несоодветна“ да го спроведе претседателствувањето и речиси сигурно ќе го потврдат тој став во резолуцијата  следната недела. Резолуцијата, исто така, го обвинува режимот на Орбан за „системска корупција“.

За волја на вистината, шестмесечното претседавање не е толку политички важно како што беше порано, иако, како прво претседателство по изборите за ЕУ следната година, тоа е позначајно од повеќето.Последното унгарско претседателство во 2011 година – кога владата на Орбан беше добро етаблирана и веќе почна да се расфрла со пердуви во Брисел – помина без големи контроверзии.

Инаку, постапката според член 7 од договорот за ЕУ, покрената против Унгарија, не објаснува какви мерки може да се преземат за да се доведе во хармонија една бунтовничка земја членка, освен да се суспендира нејзиното право на глас во Советот. Брисел покажа креативност со условување на финансиската помош за Унгарија во замена за судски реформи, но другите патишта остануваат неистражени, рече Делбос-Корфилд.

Претседавањето со ЕУ – дури и ако е тоа  по изборите за Европскиот парламент – ќе и даде платформа на Унгарија во време кога е во отворен конфликт со Брисел.

„Унгарија би зборувала во име на 27 земји-членки, кога знаеме што велат тие за мигрантите и правата на LGTBQ“, рече Делбос-Корфилд. „Време е внимателно да го разгледаме прашањето за   претседателството“.

Што го поттикна овој потег? Делумно фактот што Унгарија го искористи законот на ЕУ за укажувачи за да ги стигматизира ЛГБТКИ+ родителите, повикувајќи ги „свиркачите“ да ги осудат пред властите. „Ова е уште еден чекор по авторитарниот пат“, додаде Делбос-Корфилд. „Ова општество, кое поттикнува што да им кажувате на вашите соседи, е путинистичко општество“.

Критичарите брзо ја отфрлија резолуцијата како обичен „сигнал“ од Парламентот, кој нема моќ да го присили Советот.  Но тие што се за овој предлог, сметаат дека има опции за „откажување“ на унгарското претседателство – на пример со тоа што Белгија и Шпанија, чии претседателства претходат на Унгарија, ќе го направат немоѓно  претседателствувањето на Будимпешта со забрана за одржување на нивен терен на какви било состаноци што имаат врска со владеењето на правото. „Ова ќе влезе во историјата како прво претседателство на Советот со врзани раце“, напиша Алберто Алемано, професор по право на ЕУ.

Друга опција е целосно суспендирање на унгарското претседателство така што  Белгија и Шпанија ќе ги поделат шесте месеци на унгарското претседателство, што значи дека нивните претседателства ќе траат по девет месеци.

 „Оваа невидена закана за унгарската (и полската) влада може да поттикне  политичка и правна дебата за условите под кои ЕУ може да прифати бунтовнички земји-членки во Унијата“, додаде Алемано . Лошата вест е дека по Унгарија следен претседавач е Полска. 

Во моментов тешко е да се замисли дека меѓусебната недоверба и политичките разлики помеѓу владата на Орбан и институциите на ЕУ би можеле да бидат потоксични. За оние кои гледаа како односите на Обединетото Кралство со нејзините соседи од ЕУ постојано се влошуваа, особено по крајот на владата на Тони Блер, колапсот во односите меѓу Унгарија и нејзините партнери го прави Брегзит да изгледа како забава во градината. Сепак, постои една голема разлика помеѓу ОК и Унгарија. Еден од најефективните и најлесно разбирливите аргументи на приврзаниците на Брегзит беше поплаката  дека Велика Британија е голем нето придонесувач во буџетот на ЕУ со износ од околу 10 милијарди евра годишно. Да не заборавиме, тој аргумент му дозволи на Борис Џонсон да вети – целосно нечесно – дека напуштањето на ЕУ ќе и овозможи на ОК да троши дополнителни 350 милиони фунти неделно за здравствени трошоци.

Во 2021 година имаше 4,3 милијарди причини зошто Унгарија сакаше да остане во ЕУ. Таа е трет најголем нето-корисник на финансирањето од ЕУ. Само Полска и Грција добија повеќе од 4,3 милијарди евра нето што Будимпешта ги доби од буџетот на ЕУ во 2021 година. Таа бројка неизбежно ќе се зголеми значително кога Унгарија конечно ја убеди Европската комисија дека ги исполнила условите за исплата на над 20 милијарди евра средства за закрепнување по пандемијата.

„Оние кои не ги разбираат вредностите можеби ги разбираат парите“, коментираше во петокот  комесарката за транспарентност на ЕУ, Вера Јоурова.

Освен пристапот до готовина и, можеби, единствениот пазар, сè потешко е да се види зошто владата на Орбан би сакала да остане во клубот на ЕУ каде што е во судир со другите членки за повеќето големи политики – од санкциите против Русија до владеењето на правото и интеграцијата во ЕУ. Перверзно е член на клуб да води речиси постојана реторичка војна против него и против другите членови – и тоа не е одржливо.