Братот на судијката што го води случајот „Пулс“ добивал мито од газдата, а го нема во обвинетите

Иако единаесета на листа по бодови Даниела Димовска на 3 јули беше избрана за претседател на Кривичниот суд во Скопје. Петнаесет дена подоцна на 18 јули токму Кривичниот суд го доби предметот за дискотеката Пулс.
Магично, во обвинението недостасуваат инспекторите од УЈП кои газдата на клубот Деко ги подмитувал, а еден од нив е брат на претседателката на Кривичниот суд , Даниела Димовска.
Димовска е истата судијка која не сакаше да ги работи предметите против ВМРО-ДПМНЕ и истата судијка која го осуди Стевче Јакимовски.
Димовска своевремено била вработена во Собранието на Република Македонија како асистент на неколкумина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова е информација од документарецот на ИРЛ за трагедијата во Кочани кој може да се види денес.ИРЛ објави текстуални разговори кои упатуваат дека сопствениците на дискотеката однапред биле предупредувани од инспектори за претстојни контроли.
Според ИРЛ, дел од инспекторите од Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи дури примале и скапи подароци за возврат, меѓу кои биле и часовници. ИРЛ објави и текстуални пораки кои покажуваат дека сопствениците на дискотеката комуницирале со инспектори од МВР кои барале привилегии – меѓу нив и резервирани маси во клубот.
Од Јавното обвинителство јавно реагираа на сторијата.
„Сите наведени докази Јавното обвинителство ги има предвид и по нив постапува и врши проверки. При поднесување на обвинението и на средбата со семејствата на загинатите, јавните обвинители појаснија дека проверки се вршат уште во однос на неколку институции, вклучително и Управата за јавни приходи. Меѓутоа, законските надлежности на УЈП се однесуваат на контроли за даночни и финансиски прашања, а не на безбедносни аспекти, па од тие причини тие не беа опфатени со поднесеното обвинение.
Дејствија кои не можат да се доведат во контекст со последицата изразена преку кривичното дело „Тешки дела против општата сигурност од чл.292 од КЗ“ не беа предмет на ова обвинение, па проверките во однос на УЈП се вршат во контекст на евентуални коруптивни и други кривични дела на поединци.
Потврда дека не постои ниту најмала намера овој аспект да се прикрие или да остане неистражен е фактот што презентираната комуникација е дел од извештај на анализирана телефонска комуникација, кој во целост е доставен во Судот како дел од доказниот материјал за поднесеното обвинение. Јавното обвинителство апелира за воздржаност од изнесување непроверени информации кои можат да ја загрозат натамошната постапка, како и постапката за оцена на поднесеното обвинение“, порачаа од Јавното обвинителство.