Божков: Хунтата ги влече конците во Бугарија, не Трифонов


„Пред една година ви кажав дека партијата  не му припаѓа на Слави Трифонов. Хунтата сè уште ги влече конците во Бугарија. Затоа не се случуваат реформи и затоа не се казнети сторителите“. 

Ова го напиша Васил Божков на својот Фејсбук профил. Бизнисменот, кој повеќе од 2 години се крие во Дубаи, бидејќи се гони за околу  20 обвиненија, вака ги коментираше настаните откако Слави Трифонов објави дека ги повлекува министрите на „ Има таков народ“ од владата на Кирил Петков. 

За Трифонов одамна важи дека е инсталација на ГЕРБ преку кој оваа поразена партија требаше да продолжи индиректно да владее во Бугарија, но тој не успеа да направи своја влада бидејќи беше „прочитан“. Хунтата што ја споменува Боѓков е владата на ГЕРБ и Бојко Борисов, која во моментов има предност во анкетите во Бугарија пред сите други партии.

Лидерот на Демократска Бугарија Христо Иванов веднаш по најавата на Трифонов го повика да се врати на „преговарачка маса“. 

„Веројатно сите сакаа да се стави крај на коалицијата, но со тоа не завршува агонијата. Затоа, она што недостасуваше во говорот на Трифонов е она што следува отсега за државата. Не за нас, не за едните или другите. Ние ја туркаме Бугарија кон избори, хаос, владеење со променливо мнозинство и, ако сме сериозни во намерата да ги претставуваме луѓето што не избрале, прво мора да одговориме на ова прашање: Што е следно? Гледајќи дека има само повеќе агонија, да седнеме за сериозен разговор“, порача Иванов.

Тој призна дека коалицијата морала да преиспита многу работи околу своето функционирање, но во исто време никој нема право да ја турка земјата во уште поголем хаос.

„Се надевам и верувам дека моите колеги од ИТН ќе разберат дека не можат да направат таков чекор и ќе се вратат на масата. Ова е мојот повик. Времето се уште не е истечено“, коментира Иванов.