Божиновска: Жените во енергетиката не се исклучок – тие се иднината


Енергетската транзиција е процес кој директно ги засега луѓето, заедниците и економскиот развој, а улогата на жените во оваа трансформација е суштинска, истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во обраќањето на настанот „Женски лидерски дијалог во енергетиката“, посветен на улогата на жените во енергетскиот сектор и нивното поголемо вклучување во развојот на обновливите извори на енергија и енергетските заедници.

-Кога зборуваме за енергетската транзиција, не зборуваме само за технологии, мегавати и инвестиции. Зборуваме за луѓе, за заедници и за можности. А токму тука, улогата на жените е незаменлива, рече Божиновска.

Таа нагласи дека и покрај напредокот, жените и натаму се недоволно застапени во енергетскиот сектор, особено на технички и раководни позиции, и додаде дека се потребни системски чекори за промена на оваа состојба.

-Ако сакаме повеќе жени во енергетиката, мораме да дејствуваме системски – да ги охрабруваме девојчињата да избираат технички и научни професии, да создадеме програми за менторство и професионален развој и да обезбедиме фер и транспарентни можности за напредување, рече Божиновска.

Упати порака до младите жени да бидат храбри и да не се плашат да влезат во области кои традиционално се сметале за машки.

-Енергетиката има потреба од вашата креативност, вашата визија и вашата храброст. Вие сте идните инженерки, експертки, претприемачки и лидери. Вашето време започнува токму сега, порача Божиновска.

Таа нагласи дека Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) останува посветено на создавање услови за поголема инклузивност во секторот, со поддршка на иницијативи кои ги охрабруваат жените активно да учествуваат во енергетската транзиција и развојот на зелената економија.

На настанот, информираат од МЕРМС, беше претставен и регионалниот проект „Жените во енергијата – WIN“, чија цел е зајакнување на улогата на жените во енергетиката преку обуки, вмрежување и градење знаења за нови можности во секторот, вклучително и учество во енергетски заедници и развој на проекти во обновливите извори.