Божиновска по повод Денот на рударите: Наша цел е секој рудар да се враќа дома безбеден и горд

Рударите се економскиот столб на државата. Наша цел е секој рудар да се враќа дома безбеден и горд, порача денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска која заедно со премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на настан во РЕК Битола организиран по повод Денот на рударите.
Во обраќањето, Божиновска порача дека рударите мора да имаат безбедни услови за работа и дека има засилени инспекции и построги казни за оние кои не ги почитуваат законските прописи.
– Министерството стои цврсто зад секој рудар – со современа опрема, безбедни услови за работа и фер стандарди за сите. За оние што вложуваат во безбедноста на рударите и заштитата на животната средина, поддршката е целосна, но за оние што мислат дека можат да ја заобиколат законската регулатива – нема компромиси. Инспекциите се засилени, контролите се редовни, а казните построги од кога било. Законот важи за сите, без исклучок, нагласи Божиновска.
Со доделувањето на признанија за најистакнатите рудари, манифестацијата во РЕК Битола уште еднаш ја потврди улогата на рударството како силен и одржлив економски сектор, но пред сè како професија која бара почит, заштита и континуирана поддршка, велат од Министерството за енергетика.