Босанец рани тројца полицајци во Њујорк: Поврзан ли е со тероризам?


 

Џенан Цамовиќ, Босанец кој живее во Америка, осомничен е дека ранил тројца полицајци во Њујорк, ФБИ сега истражува дали се работи за тероризам.

Цамовиќ (20) едниот полицаец, кој бил пратен да спречи грабеж во текот на протестите поради убиството на Џорџ Флојд, го избодел со нож, а потоа ранил двајца со пиштол, велат од њујоршката полиција, пишува „Њујорк тајмс“. Полицијата истражува дали овој напад е поврзан со тероризам.

Цамовиќ, пред да ги рани полицајците, пишувал статуси на социјалните мрежи против полицијата, додека неименуван виш функционер во полицијата, за „Њујорк тајмс“ вели дека неговото семејство има врски со тероризам.

Извори за американскиот весник наведуваат дека Цамовиќ не е познат како лице поврзано со тероризмот, но дека бил во контакт со луѓе што се поврзани.

Во истрагата се вклучи и Одделот за борба против тероризмот на ФБИ. Тое биле на местото на злосторството, а го претресле и неговиот стан.

Цамовиќ нема криминално досие и осомничен е дека еден од полицајците го избодел во вратот. На помош дошле другите полицајци, па Цамовиќ потегнал по пиштолот на еден од нив, при што едниот е погоден во раката, а другиот во шаката.

Други полицајци го застрелале младиот Босанец, кој е во критична состојба, а полицајците не се во животна опасност.

Семејството на Цамовиќ демантира дека тој е поврзан со тероризам. Негов роднина вели дека тој бил верник – муслиман, но дека апсолутно не е терорист. Објаснува дека момчето е родено во Њујорк, живее со родителите и сестрата, и дека можеби бил нападнат, па се бранел.

„Можеби, кога се се случувало, извикал Алах, како што некој од христијаните би викнал Боже, во очај“, изјави негов роднина.