Борисов ни стави вето, за Мицкоски тој е посакуван партнер


 

Премиерот Христијан Мицкоски денес остварил „искрен и пријателски“ телефонски разговор со Бојко Борисов, на кој со задоволство му ја честитал победата на сестринската партија ГЕРБ на парламентарните избори во Бугарија.

„Во текот на разговорот изразив уверување дека ќе се формира стабилна влада на десниот центар во Бугарија, која ќе даде придонес во отстранувањето на пречките што го забавуваат македонскиот пат кон Европската унија. Верувам дека само со заеднички напори и дијалог можеме да градиме подобра иднина за сите граѓани на нашите две земји. Очекувам дека македонско-бугарските односи ќе продолжат да се развиваат во позитивен и продуктивен правец, водени од почит и разбирање, за доброто на сите нас“, соопшти Мицкоски.

Претходно, по надзорот во работата на автопатската делница Гостивар-Букојчани, премиерот изрази надеж дека во Бугарија ќе се формира влада со која ќе можеме да седнеме и да најдеме решение за одблокирање на нашиот пат кон Европската унија. 

„Според првичните резултати, девет партии ќе влезат во бугарскиот парламент. Ќе има интересен мозаик во рамките на тамошниот законодавен дом“, рече тој.

Toj oчекува влада од најмалку три партнери, а како што рече, тоа не може да се случи без ГЕРБ и коалицијата „Продолжуваме со промените – демократска Бугарија“ (ПП-ДБ).

„Бројките варираат, па така од 67 до 70 пратеници има коалицијата ГЕРБ-СДС, а тука е и коалицијата ПП-ДБ, која очекувам да има меѓу 44 и 47 пратеници. Во суштина, без нив две не може да се направи влада. Но, ќе видиме како таму ќе се развиваат работите“, вели премиерот.

Во саботата премиерот, одговарајќи на прашањето кого би издвоил како подобар соговорник, дали Бојко Борисов од ГЕРБ или Кирил Петков од Продолжуваме со промената (ПП), посочи дека не би можел да издвои, но оти е логично да посакува да победи партијата со која се дел од Европската народна партија. Досега Мицкоски неколку пати посочи дека за прашањето на нашиот евроинтегративен процес потребно е во Бугарија да се формира влада, па потоа да се разговара за позициите.

Инаку, ветото на Македонија во ЕУ се  случи токму во времето на владеењето на Бојко Борисов и ГЕРБ, а тој беше премиерот кој среде Македонија бараше заеднички да се слави Илинден, така што не е јасно на што се темели оптимизмот на премиерот, освен можеби на  поврзаноста на нему блиски бизнис структури со тие околу Борисов.

Партијата ГЕРБ на Бојко Борисов победи на вчерашните парламентарни избори во Бугарија, седми одржани за последните четири години. Но, за да формира влада, ќе мора да најде коалициски партнер. Според последните податоци од Централната изборна комисија (ЦИК), по повеќе од 98 отсто пребројани гласови, ГЕРБ има освоено 26,46 отсто гласови, коалицијата „Продолжуваме со промените – демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) има 14,38 отсто, а партијата Преродба 13,64 отсто. Со сегашните резултати девет партии влегуваат во бугарскиот парламент.