Борисов ни стави вето, но Мицкоски сака тој утре да победи на изборите во Бугарија


 

Иако целата голгота на Македонија на патот кон ЕУ последниве години потекнува од времето кога премиер на Бугарија беше Бојко Борисов, македонскиот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, посакува на утрешните бугарски избори да победи партијата ГЕРБ. Затоа што таа била сестринска во Европската народна партија.

„Претпоставувам дека бугарските граѓани најдобро знаат кого да го изберат и да ги претставува и во бугарскиот парламент и во идната бугарска влада. Им посакувам успешни, фер и демократски избори и да ја изберат најдобарата влада којашто мислат дека ќе работи во интерес на бугарските граѓани и која ќе промовира стабилност во регионот и добросоесдски односи. Не би можел да издвојам кој би бил подобар соговорник, но со партијата ГЕРБ, којашто ја води Бојко Борисов, сме во исто семејство во Европската народна партија и логично е да посакам политичка партија која доаѓа од нашето семејство да победи на изборите“, рече Мицкоски. 

Борисов неодамна жестоко се нафрли кон потпретседателот на македонската влада и втор човек во ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, барајќи од него да поднесе оставка. Причина за тоа беа изјавите на Николоски дека бугарските политичари биле „мизерни“ и „нецивилизирани“ во однесувањето кон Македонија.

Логично е да се претпостави дека Мицкоски би очекувал да најде некаков заеднички јазик за проблемот меѓу Скопје и Сопфија доколку новата влада ја води ГЕРБ.