Борисов: Изгубивме многу време со Македонија
„Советот за Западен Балкан што започнува денес покажува дека Србија, Грција, Турција и Унгарија имаат огромно влијание. Ние само набљудуваме, а тоа не носи ништо добро. Бугарија мора да се врати на позицијата што ја имаше пред четири години,“ истакна тој.
Во врска со Северна Македонија, Борисов нагласи дека се изгубило многу време.
„Имав долг разговор со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој ми укажа на пропуштените можности. Од разговорот разбрав дека во текот на овие години имало многу процеси околу Северна Македонија во Брисел, во нашите партнерски земји во НАТО, се изгубило многу време. Објаснувањата што требаше да ги дадам, едноставно ме изненадија. Мораме да формираме влада и застанеме многу цврсто на својот став“, изјави тој.
За коалициските преговори, Борисов потврди дека ГЕРБ има намера да соработува со сите што учествуваат во преговарачките тимови, со исклучок на одредени политички субјекти како ДПС-НН и ПП, кои, според него, се залагаат за нови избори. „Тие што сакаат избори, како Пеевски и Асен Василев, не се дел од оваа приказна,“ додаде тој.
Во однос на учеството на „Има таков народ“ (ИТН) во преговорите, Борисов истакна дека тие ќе се вклучат кога ќе се дефинира конкретна рамка за разговор. „Договорот за коалиција ќе го напишеме кога ќе постигнеме резултати,“ изјави тој.
Борисов не го пропушти да го спомене својот долгогодишен пријател Виктор Орбан. „Орбан го познавам повеќе од 20 години. Лидерството доаѓа кога другите се слаби, а Бугарија беше лидер додека јас бев премиер,“ заклучи тој.