Борел: ЕУ сака да го вклучи Западен Балкан во процесот на донесување одлуки пред членството во Унијата

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел вечерва во Брисел изјави дека ЕУ сака да го вклучи Западен Балкан во процесот на одлучување, како за надворешната така и за безбедносната политика, пред влезот на регионот во Унијата.
Додека претседаваше со состанокот на министрите за надворешни или европски работи на членките на ЕУ и шесторката од Западен Балкан, Борел на мрежата Икс напиша и дека „местото на Западен Балкан е во ЕУ“.
„Вечерва претседавам со министерскиот состанок ЕУ-Западен Балкан, со шест министри од тој регион. Сакаме да го интегрираме регионот во нашиот процес на одлучување уште пред пристапувањето, вклучително и одлуките за надворешната и безбедносната политика. Местото на Западен Балкан е во ЕУ“, рече Борел.
Меѓу темите на вечерашната министерска средба ЕУ-Западен Балкан се минатонеделните извештаи на Европската комисија за земјите од регионот – Пакетот за проширување, усогласеноста со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и подготовката на декемврискиот самит на ЕУ и Западен Балкан.
Претходно денеска Борел изјави дека партнерите на ЕУ од Западен Балкан мора „поблиску“ да ја усогласат својата надворешна и безбедносна политика со ЕУ, а шефицата на словенечката дипломатија Тања Фајон изјави дека во тој случај претставниците на Западен Балкан би можеле учествуваат како набљудувачи на состаноците на министрите за надворешни работи на земјите членки на Унијата.
Шефот на европската дипломатија изјави дека некои земји од регионот „немаат голем резултат во усогласувањето со европската надворешна политика и санкциите“.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, кој исто така е на вечерашната средба во Брисел, на Икс напиша дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е „заедничка цел“ на двете страни.
„Тоа се однесува на нашата заедничка безбедност, нашата стабилност, нашиот просперитет. Обезбедувањето мир на нашиот континент е наш заеднички проект“, рече Вархеи.